Антикорупциската комисија донесе иницијатива со која од премиерот ќе се бара да поведе постапка против вицепремиерот Кочо Анѓушев за владината одлука да се намали царината на литиумските батерии за акумулатори.
„Анѓушев, кој има бизнис со акумулатори, присуствувал на седницата на која била усвоена одлуката и не се изземал од вториот дел на постапката, односно учествувал во расправата и давал предлози“, велат од Антикорупциска.
Комисијата утврдила судир на интереси. За одуката на ДКСК гласале четворица членови, двајца биле против. Предметот го поднел анонимен доставувач.
Анѓушев во реакцијата до медиумите по одлуката на антикорупционерите тврди дека не го прекршил законот и дека во функцијата на вицепремиер за економски прашања работи исклучиво во интерес на граѓаните и во согласност со законските прописи.
„Постапувајќи по предметите иницирани пред ДКСК, ги доставивме сите побарани податоци и документи со цел да им овозможиме да ја утврдат материјалната вистина. Во конкретниот случај за намалување на царинските стапки за литиум-јонски батерии за акумулатори уште еднаш потврдувам дека во предметот имам доставено изјава со која се изземам од постапување и одлучување. Не ги знам причините поради кои антикорупциската комисија ја донела одлуката. Кога ќе ја добијам написмено, ќе може да дадам коментар за неа. Убеден сум во законитоста и исправноста на моето работење и ќе ги преземам сите неопходни дејства пред надлежните органи за да се докаже вистината бидејќи не сум ги прекршил законските прописи. Владата во полн капацитет одлучува по сите прашања што се поставуваат на владина седница и секаде каде што е можно да дојде до конфликт на интереси, уредно сум се пријавил и сум поднел изјава во согласност со законот“, се вели во соопштението.
Со оваа дејност се занимава единствено фирма сопственост на вицепремиерот.