ВИДЕО – Витаминка донираше теренско возило за ТППЕ Прилеп

Витаминка за Територијално противпожарната единица во Прилеп донира товарно моторно возило марка Mitsubishi L200 за потребите на прилепската единица. Возилото е комплетирано со современа опрема и неопходните елементи за справување со огнени стихии. Донацијата ќе придонесе кон зголемувањето на ефикасноста и капацитетите на противпожарната единица и интервенциите.

 

 

„Витаминка АД како општествено одговорна компанија донира едно товарно возило за потребите на ТППЕ Прилеп, на општ добробит на граѓаните на Општина Прилеп и соседните општини. Запознати сме со фактот дека прилепската противпожарна единица покрива голема територија, а во исто време техничката опременост и возниот парк не се на завидно ниво, па тоа нé поттикна да ја реализираме ваквата донација. Ова е прва донација, а за скоро време ќе следува и уште една од нашата компанија. Имено, во соработка со уште три партнери, ќе донираме т.н. навално противпожарно возило“, изјави Орде Ѓорѓиоски директор на Секторот за правни и општи работи во Витаминка Прилеп.

 

Целта на компанијата е со оваа донација да помогне во техничката опременост на противпожарната единица и да се подобри нивната ефикасност и оперативност во функција на општата безбедност на граѓаните на Општина Прилеп и околните населени места.

 

„Поради големата емисија на штетни гасови во атмосферата, воопшто на глобално ниво ни претстои период на раст на просечната температура. Токму затоа во иднина ќе се зголемуваат и потребите за заштита на природата и ќе има се поизразена потреба да се вложува во вакви средства. Доколку го сфатиме тоа доволно сериозно и се подготвуваме навреме, ќе ги намалиме последиците од емисиите на јаглерод диоксид и од зголемувањето на просечната температура на воздухот. А според некои проценки во следните 30 години се очекува просечната температура да се зголеми за 4 степени, што е неприфатливо. Затоа, овие вложувања се неопходни и потребно е нивно интензивирање како и преземање на многу други додатни мерки, со цел навремено да реагираме и да ги намалиме штетните ефекти”, изјави Симон Наумоски, Претседателот на Одбор на директори на Витаминка.

 

 

Од противпожарната единица велат дека оваа донација е повеќе од добредојдена.

 

„Со ова возило се добива збогатување на возниот парк кој и онака беше застарен. Особено возниот парк за интервенциии на отворено, на шумски и полскии пожари. Со ова возило би се зголемила ефиктивноста и ефикасноста во нашата работа. За урбана средина имаме 7 противпожарни возила. За шумски пожари имаме 2 теренски возила Лади, кои се доста застарени, така што ова возило ќе ни помогне за овој вид на пожари“, додаде Виктор Стојчески, командир на ТППЕ Прилеп.

 

Витаминка има воспоставено долгогодишна соработка со прилепската противпожарна единица, која што се развива во континуитет и се базира на помагање и поддршка од компанијата во обезбедување неопходни материјали и опрема за потребите на единицата. Со оваа донација Витаминка уште еднаш ги потврди своите заложбите за градење функционална релација со заедницата и својот општествено одговорен однос.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи