И после повеќе од две години, ни трага, ни глас, од реализација на проектот нов театар во Прилеп, кој го ветуваше градоначалникот Илија Јованоски пред изборите, вчера се случи театар комедија во општината. Во главна улога никој друг, туку самиот градоначалник, во претставата “Марсовец во Прилеп”. Роднините му граделе на градоначалникот без дозвола во центарот на градот, а тој не знаел, изјави на денешната прес конференција Петар Ристески, претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.
Прес конференцијата ја пренесуваме во целост.
„Вчера целата јавност беше сведок на тоа како реагира политичар кој е фатен на дело.
Ако до пред една недела градоначалникот Илија Јованоски и општина Прилеп преку бледо соопштение тврдеа дека токму тој нема никаква врска со објектот кој се гради во градскиот пазар, вчера Јованоски призна дека бил во роднинска врска со сопствениците.
Граѓаните се шокирани и со неверување гледаат на целата оваа работа, особено откако градоначалникот истакна дека дури сега разбрал дека се работи за дивоградба која не е предвидена во урбанистичките планови на општината и за која нема одобрение за градба.
Дури сега разбрал градоначалникот, а градежните работи на овој објект се започнати пред повеќе од месец дена!
Требаше ли ВМРО-ДПМНЕ, новинарите и целата јавност да реагираат со денови за Јованоски да провери дека негови роднини градат дивоградба и тоа во градскиот пазар, во строгиот центар на градот?
Какви ли пријави и тужби за лажни вести, навреди и клевети ќе пушта сега Јованоски и со каков углед и чест воопшто ќе се појавува пред граѓаните во изборната кампања на неговата партија?
Ова е уште еден од случаите во кои власта е фатена во тесно и благодарение на истажувачкото новинарство и ВМРО-ДПМНЕ, овој случај исплива на површина.
Денеска уште еднаш го прашуваме градоначалникот, постојат ли други вакви објекти кои без одобрение за градба и без да бидат предвидени во урбанистичките планови ги градат ваши роднини, братучени и внуци?
Ќе тврдите ли повторно дека немате никаква врска и поврзаност, а потоа како и по обичај ќе ги погазувате вашите зборови?
Ве предупредивме и одново ви посочуваме! Прошка нема да има! Секоја можна злоупотреба ќе биде разгледана и секој ќе одговара доколку се ставил над законот!
Граѓаните и државата расчистуваат со вас и вашиот непотизам! Во Македонија доаѓа обнова, а власта ќе ја предводи идниот премиер Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ“, рече Ристески.