Судските службеници протестираат за повисоки плати – Дескоска бара да реагираат и за застарените предмети

Facebook
Twitter
Email
Print

Двочасовна блокада на судовите низ земјава настана кога судските службеници излегоа на протест надвор од судовите. Незадоволни од одлуката додатоци на плата да има само за судиите, но не и за административците, побараа и исплата на К – 15, но и зголемување на платите паралелно со растот на просечната плата.

 

Протестот го организираше Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани кои побара судиите да се заложат за повисоки плати за нивните колеги службеници, без кои не можат да судат.

 

„Во здравството докторите добија зголемување кое владата го најави. Но, сметајќи дека со нив работи и друг персонал тие доброволно се откажаа и го намалија нивниот процент за зголемување за да и нивните колеги да добијат. Овде судиите не само што никогаш не се откажале од некој процент, туку никогаш не покренале иницијатива за да разговараат за платите на судската администрација“, рече Пецо Грујовски, УПОЗ.

 

За протестот реагираше и министерката за правда Рената Дескоска, која посочи дека гласот на судството се слуша само кога се зборува за пари, поради што имаат најмал кредибилитет да зборуваат бидејќи довербата на граѓаните кон нив е на најниско ниво и им предложи да реагираат и кога станува збор за застарените предмети.

 

„Жално е што не слушнавме став од сферата на судството за прашањата заради кои судството е со најниска доверба меѓу граѓаните. Очекувавме реакција и од судиите и од претседателите на судовите и од судската администрација за случаите за застарување на гонење во одредени судски постапки заради што криминалот останува неказнет. Очекуваме реакција и од судиите и од судската администрација за одредени сомневања за криминални дејствија во нивните редови за кои не видовме кривично гонење и кривични постапки. На пример, видео клипот кој го виде целата јавност и се споделуваше на социјалните мрежи во кои се тргува со судски предмети од страна на вработен во судската администрација“, рече Дескоска.

 

Министерката ја повика Антикорупциската комисија да покрене постапка за проверка на имотот на судиите односно да направи спореда на анкетните листови кои ги пријавиле и на реалната состојба. Тоа според неа претставува „благ ветинг“ и им е дозволено, а во иднина од Европската комисија ќе бара дозвола и за целосен ветинг за судиите.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи