Напуштањето на прогресиовниот данок, зголемувањето на платите во администрацијата и на пензиите што се планира од идната година, зголемувањето на минималната плата, би можеле да ги поткопаат неодамнешните придобивки од започнатите реформи што беа направени во делот на фискалните политики, заклучува ММФ по посетата на Македонија.
Монетарците предупредуваат дека зголемувањето на поголемата еднаквост на приходите и подобрувањето на животниот стандард ќе бара микс од фискална политика која е насочена кон раст и непоколеблива посветеност кон амбициозната агенда за структурни реформи.
Растот на минималната плата од 14 500 денари нема да даде посериозни резултати, децидни се од фондот, бидејќи со тоа би се намалила сиромаштијата кај оние кои се во редовен работен однос.
„Застапеноста на сиромаштијата е многу поголема кај оние кои се невработени. Поради тоа, зголемувањето на минималната плата можеби нема да биде ефективно во намалувањето на сиромаштијата, особено доколку тоа делува кон намалување на формалното вработување“, велат од ММФ.
Препорачуваат конкурентноста во приватниот сектор да се подобрува со зголемување на минималецот во согласност со продуктивноста на компаниите.
Од ММФ велат дека по долготрајната политичка криза, економијата влезе во период на солиден раст и стабилност и се очекува дополнително да се зајакнува во текот на оваа година, придвижувана од силната домашна побарувачка и солидниот раст на извозот.
Од ММФ, за идната година прогнозираат стапка на раст на БДП од 3,4 отсто, што е пониска и во однос на владината проекција, но и на предвидувањата на НБРМ кои очекуваат економијата да порасне за 3,8 отсто.