Гео радар интегриран на дрон што овозможува автоматска детекција на подземни мини во реално време, беше денеска презентиран на Машинскиот факултет во Скопје.
Уредот може да врши детекција и класификација на подземни мини во интерес на НАТО и Армијата.
Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, која присуствуваше на презентацијата, рече дека претатавува чест да се види како нашето членство во НАТО алијансата значи и поддршка на науката и на нови иновативни решенија.
„Планот на Владата е во иднина буџетите за одбрана да содржат средства не само за модернизација на армијата, туку и делови за поддршка на научно-истражувачките проекти, што е стандард во земјите членки на НАТО. На тој начин ќе развиваме подобра армија и ќе обезбедиме посилна одбрана, а ќе ги задржиме и младите академски кадри. Ова што денеска го видовме е нова генерација во одбраната и науката, со што покажуваме дека имаме што да понудиме во смисла на нови иновативни решенија“, изјави Шекеринска.
Според раководителот на проектот Венцеслав Кафеџиски, станува збор за георадар со кратка фрекфенција, развиен во рамки на НАТО СПС проект за наука за мир и безбеднст.
„Најмалку 15 илјади луѓе годишно умираат од подземни мини, кои остануваат активни и над 50 години. Ние детектираме два типа на мини. Лесни против пешадиски мини и анти тенковски мини“, појасни Кафеџиски.
Гео-радарот, посочи Кафеџиски, е поврзан со Софтверски дефиниран радар развиен на УКИМ, што овозможува класификација на резултатите од мерењата и групирање на објектите и видовите мини.
„Уредот може да се користи и наоѓа примена во повеќе области, како за археолошки истражувања, тестирање патишта, форензика, геологија и за мапирање урбана инфраструктура“, изјави Кафеџиски.
Гео радарот е развиен во соработка меѓу факултетите од Скопје, Марибор и Тузла и финансиран од НАТО со вкупно 400 илјади евра.