Черних: Да се врши сеизмички мониторинг на сите брани во државата

Facebook
Twitter
Email
Print

Стопанската комора за енергетика иницира да се врши сеизмички мониторинг на сите брани во државава со цел да се намали сеизмичкиот ризик. Од Сеизмолошката опсерваторија при Природно математичкиот факултет во Скопје, кои вршат таков мониторинг само на браната Козјак, сметаат дека ова прашање треба се регулира со закон.

Со меморандумот за соработка што го потпишаа денеска првите луѓе на Стопанската комора за енергетика на Македонија и на Сеизмолошката опсерваторија во рамки на 4. Меѓународна конференција за енергетика, треба да се поттикнат активности за сеизмички мониторинг на браните на територијата на државава.

 

„Сеизмички мониторинг на индуцираната сеизмичност, бидејќи знаеме дека со секоја акумулација се променува режимот на тектонските напрегања во околината и можност за појава на индуцирани земјотреси или крајно за појавување земјотреси таму каде што досега немало или пак појавување раседи или тригерирање на земјотреси во постоечките раседи. Значи, да се овозможи заштита, да се намали сеизмичкиот ризик и да се заштити околината и населението од таквите можни случаи“, изјави Драгана Черних, директор на Сеизмолошката опсерваторија, која на конференцијата зборуваше за земјотресите како можен проблем при пукање на брани и поплави на населени места.

 

Како што информира Черних, повеќе од 10 години прават саеизмички мониторинг само на езерото Козјак, каде имаат три сеизмолошки станици.

 

„Анализата за тоа што се променило во споредба со периодот од пред браната покажува дека се зголемил бројот на слаби земјотреси коишто се наоѓаат во непосредна близина до езерото во радиус од 10 до 20 километри од сеизмолошките станици. Но, како  што знаеме, подготовката на земјотресот не е брза, не е од денес за утре, туку таа може да трае повеќе години. Така што, мора да имате некаков мониторинг, набљудување и податоци за одредено подрачје за да можете да направите анализа и да знаете што може да очекувате“, изјави Черних.

 

Таа вели дека нема увид за останатите брани и оти е неопходно со закон да се уреди обврската за сеимички мониторинг. Со тоа ќе се зголеми бројот на сеизмолошки станици, ќе се подобри мрежата и анализата на сите податоци, бидејќи ќе имаме поквалитетни податоци кои ќе може да дадат посериозна анализа затоа што е различно да имате податоци од пет и од 30 мерни станици, укажува Черних.

 

Потсетува на општото правило во сеизмологијата дека таму каде што имало земјтреси ќе има повторно и порачува не можеме да се заштитиме на друг начин освен објектите што  ги градиме да бидат направени така за да го издржат дејството на земјотресот. Тогаш ќе  бидеме заштитени и нема да дојде до загуба на човечки животи и  материјална штета.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи