Живеев за денот кога ќе дојде моментот да можам да зборувам затоа што сум цел на јавен линч од конструиран случај наречен „Рекет“, вака го започна своето обраќање Бојан Јованоски во судскиот процес за предметот „Рекет“.
Во текот на воведниот говор тој себеси си посака „само да е жив и здрав“ и дополни дека од неговата уста ќе излезат само вистини со кои ќе докаже каква е заднината на овој предмет.
„Ќе сведочам за организаторите и помагачите на овој настан и ќе поднесам кривични пријави. Камерите од куќата на моите родители ќе докажат кој заминува со торбата и каде“, рече обвинетиот Јовановски.
Торбата „Луј Витон“ јавноста можеше да ја види во снимките кои ги објави италијанскиот весник „ла Верита“ односно како со неа, Јовановски и Милески излегуваат од домот на Орце Камчев.
Во воведниот говор тој појасни дека „здравствено е лош“ поради две неуспешни операции направени во Систина, но дека психички е добар и дека памтењето го служи многу добро.
На крајот, ги повика меѓународната заедница, Американската амбасада, амбасадите на Франција, на ЕУ и целата стручна правна јавност да го следат судскиот процес.
Во случајот „Рекет“ Боки 13 е обвинет за кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“ и за „Перење пари и други приноси од казниво дело“.