Повеќе од еден месец комплетно е стопирана работата во државната компанија „Еурокомпозит“ и преостанатите 60-тина вработени се во штрајк. Велат дека Владата нема никаков слух за решавање на нивниот проблем и дека постојано си ја префрлале топката од една во друга институција. На последната средба, пред околу 10 дена, претставникот на државниот капитал Софија Јованоска, им рекла дека министерката за одбрана Радмила Шекеринска била крива што тогаш заинтересираниот инвеститор не го купил „Еурокомпозит“ бидејќи Шекеринска од Прилеп пред неколку месеци најавила дека за фабриката има заинтересино неколку инвеститори, што наводно била лага и вистинскиот инвеститор слушајќи го тоа револтирано си заминал.
„Си ја префрлаат топката. Имавме средба со претставникот на државниот капитал и со многу други луѓе и тие си ја префрлаат топката дека поради Шекеринска што дала изјава во летото кога бевте овде присутни, дека кажа дека има тројца инвеститори, за тоа се налутил инвеститорот и не сакал да инвестира во нашава фирма. Сакал да остане како единствен и сега ја префрлаат топката, Шекеринска да ги најде кои се тие тројца инвеститори. Ова ни го кажа Софија Јовановска, претставник на државниот капитал и му наложи на Тони Петрески, што ни е претседател на управниот одбор, а воедно работи и во Министерството за одбрана, да се консултира со Шекеринска и да ги донесат тие купци што ги најави Шекеринска“, вели Роберт Богданоски, вработен во Еурокомпозит.
Работниците скоро цела година земаат делови од заостанати плати, а сега немаат повеќе ниту здравствено осигурување, иако им беше ветувано дека со заминувањето на 150 мина како технолошки вишок фабриката ќе функционира нормално.
„Досега ние не земаме плати, туку земаме дел од заостанати плати, по 5-6 илјади, значи дел од заостанати плати. Сите плати од оваа година ни остануваат како целина за земање. Здравственото осигурување ни заврши минатиот месец, од овој месец натаму немаме ни здравствено осигурување. Фирмата е блокирана, не можеме ни да имаме здравствено осигурување“, додаде Богданоски.
За оваа состојба ги обвинуваат сегашните и претходните директори кои според нив не биле способни за да ја водат фирмата.
„Ние бараме и оставка од овој директор што е сега, за да не бидат колатерална штета преку 60 мина што сме. Владата ни носи изгледа само “екстра стопанственици“. Прво ни ги донесоа Кузески и Дукоски, направија малверзации, потоа ни го дадоа Граороски, е сега после метлата ни донесоа најголем стручнак и бара стражарите да му носат работа. Со такви луѓе и со ваква политика од Владата ние нема кај да одиме“, кажа Гоце Јагуриноски, вработен во Еурокомпозит.
„Министерството за внатрешни работи им дава работа како наменска фирма и Министерството дава аванси, меѓутоа бившите директори тие аванси во голем процент си ги префрлија на други фирми и затоа оваа фирма е донесена на работ на пропаст“, рече Миле Василевски.
Инаку иако на 150 мина кои заминаа како технолошки вишок требаше да им се платат неисплатените придонеси од 2012 година па се до денес, до овој момент се уште нема уплата од страна на државата. Покрај неисплатените придонеси, вработените во Еурокомпозит немаат земено околу 18 плати, а не им е во целост исплатена ниту отпремнината.