Изложбата „Седумте архангели“ од Стефан Малбашиќ во четврток ќе биде изложена во Цепенков

На 12.12.2019, четврток во изложбениот салон на НУЦК„Марко Цепенков“ – Прилеп, во 19.30 часот, ќе биде отворена изложбата „Седумте архангели“ од уметникот Стефан Малбашиќ. Изложбата е финансиски поддржана од Министерството за култура.

 

За изложбата текст од Владо Ѓорески

 

Стефан Малбашиќ за прв пат во современиот македонски иконопис ја обработува темата на Седумте свети архангели, тема која е мошне специфична не само за овој простор, туку воопшто во православниот иконографски универзум, и не само денес, туку во севкупната негова историја на божествените иконографски изобразби. Оваа негова посветеност, не само што е специфична по зафатот, обработката и прецизноста како во ликовноста така и во теолошката смисла, туку носи и одредена првична храбра одлука, ангелската хиерархија да биде претставена во своевидна духовна монументалност.

 

Севкупниот тематски зафат, изразен во релативно голем формат, педантно, творечки инспиративно, впечатливо и артистички убедливо, Малбашиќ го гради потпирајќи се, најпозитивно врз вистинските извори – фрескоживописот од црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново како и фрескоживописот од црквата „Св. Врачи“ во Костур. Со тоа, ја продолжува вистинската традиција, истражувајќи некои траги кои се суштествени во разоткривањето на светот на архангелите и ангелите, суштествата кои на некој начин сè уште успеваат да ја одржат моралната, чувствената, етичката и духовната смисла во човековото опстојување – особено денес!

 

Дионисиј Ареопагит во делото: „За небесната хиерархија“, зборува за небесната хиерархија на бестелесните битија во која Седумте архангели го заземаат најзначајното место, покрај тронот на Бога, претставувајќи ги сите редови на ангелите, воедно тие ги спроведуваат божјите заповеди, се борат против седумте смртни гревови а во душите ги чуваат седумте дарови на Светиот Дух. Седумте архангели, кои се всушност и темата на Малбашиќ се: Архангел Михаил – борецот против Луцифер, Божја реч, заштитникот на православната вера Архангел Гаврил – ја претставува силата Божја како и името Исусово Архангел Рафаил – „Божјото исцеление“, заштитник на Светиот Дух Архангел Урил – безгрешно срце и „Божествена светлост“ Архангел Салатил – врховниот служител на молитвата Архангел Јегудил – мир, помирување, „благодарност Божја“ Архангел Варахил – давателот на „Божјиот благослов“.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи