ВМРО-ДПМНЕ останало должно 370 илјади евра кон фирмата „Полиестердеј“ за изборната кампања, фирма која пак должи пари на фирма на бизнисменот Орце Камчев, констатирале инспектори на Управата за јавни приходи.
Од УЈП брифираат дека се работи за три договори за промотивен материјал кој опозицијата го набавувала за изборната претседателска кампања на Гордана Сиљановска Давкова и за градоначалничката кампања во Ново Село и Охрид. ВМРО-ДПМНЕ склучила договор со фирмата „Полиестердеј“ и требало да и плати над половина милион евра во рок од два месеца. Платиле само 185 илјади евра, а останале должни околу 370 илјади евра. Фирмата „Полиестердеј“ пак роба набавувала од шпанска фирма и од компанијата „Монт“ на бизнисменот Орце Камчев каде има долг од 320 илјади евра.
Инспекторите за ова го известиле и МВР, Државниот завод за ревизија и Антикорупциска комисија. Пред една недела двајца инспектори на МВР ја побарале на увид документацијата од фирмата МОНТ.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на прес-конференција посочи дека немаат дупка од 400.000 евра, туку станува збор за обврска кон фирма која ќе ја подмират. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека имале договор со фирмата, дека доколку останеле неисплатени средства, партија го презема тој долг и истиот ќе биде сервисиран.
Владејачката СДСМ уште во септември започна со прес-конференции на кои обвинуваше дека Камчев е скриен финансиер на претседателската кампања на Сиљановска Давкова.