ВИДЕО – Земјоделците на став дека со години има злоупотреби со државното земјиште, а институциите не реагираат, бараат земјата да заврши во вистински раце

Со години наназад има злоупотреба при доделувањето и користењето на државното земјоделско земјиште и во оваа сфера владее огромен криминал кој што не е контролиран и санкциониран од страна на соодветните институциии. Оваа фрапантно тврдење го дале дури 77% од анкетираните земјоделци во Пелагонискиот дел и северниот дел на државата. Истражувањето е спроведено како дел од проектот „Државното земjоделско земjиште во рацете на моќните олигарси или каj вистинските земjоделци“.

 

 

Според земјоделците имало узурпација на земјиштето од страна на локални моќници. Од тие локални моќници дел воопшто и не го обработувале земјиштето, туку лажно пријавувале дека имаат засадено одредена култура и ги користеле субвенциите од државата. Во други случаи еднаш дадено земјоделско земјиште повторно се издавало во подзакуп што е спротивно на законот. Исто така земјиштето се доделувало и по партиски клуч. Ова истражување го спроведе „Рурална Коалиција“.

 

„Сакавме малку повеќе да ја истражиме оваа тема и на некој начин да го разбиеме оној страв кој е присутен кај земјоделците, особено јавно да зборуваат за оваа тема, затоа што станува збор за една сензитивна тема, која што тангира повеќе аспекти или делови, односно не е само процесот или постапката за доделување на земјоделското земјиште, туку тука веднаш се поврзува и со процесот на доделување на субвенциите и останатите мерки, поддршката, па дури и на онаа, сакаме ние да признаеме или не, партиска поделеност која што за жал сеуште ја имаме кај нас. Со самото истражување кое што го спроведовме, всушност овие 77% потврдија она што јас претходно го истакнав, дека е така“, истакна Лилјана Јоноски од „Рурална Коалиција“.

 

Лилјана Јоноски од „Рурална Коалиција“

 

 

Но за жал скоро никој од земјоделците не се осудува јавно да зборува за ова. Немаше село во Пелагонија кое не го посетивме, но земјоделците не сакаа да зборуваат пред камерите ниту со скриен идентитет. Како за ниту еден друг општествен проблем, кај земјоделците владее невиден страв јавно да кажат каде завршува државното земјоделско земјиште. Се плашат дека ако говорат пред медиумите ќе ги изгубат субвенциите или дека ако имаат добиено и тие државно земјоделско земјиште ќе го изгубат и него.

 

Саша Арсиќ од кумановско Ново Село е еден од ретките земјоделци  кои се согласија да зборуваат на оваа тема. Според него узурпација има и сега, но најголемите криминали се правеле до пред околу 2 години, а како најголеми узурпатори во минатото ги посочува поранешните земјоделски задруги и стечајните управници.

 

 

Има ли се уште узурпација?

 

„Па сега за сега нема многу узурпација, се покажа во претходниот период, пред неколку дена сме сведоци на кривични пријави за одредени стечајни управници во реонот на Куманово, за претставници од Министерството за земјоделие, од Државниот инспекторат за земјоделско земјиште, има кривични пријави бидејќи не излегувале на терен, не воделе домаќински ред за земјиштето кое е во сопственост на државата“, вели Саша Арсиќ, земјоделец од кумановско Ново Село.

 

Инспектори излегуваат на терен?

 

„Па излегуваат инспектори на терен, но поретко“, истакнува Арсиќ.

 

Саша Арсиќ, земјоделец од кумановско Ново Село

 

Арсиќ вели дека сега разбираат полесно за огласите, но бара олеснување во постапката при апликацијата и променување на составот на комисијата која го доделува државното земјоделско земјиште.

 

„Во самата таа комисија да не бидат сите членови од централно ниво, од Министерството, туку да има и претставници и од локалната самоуправа, бидејќи тие луѓе најдобро ги знаат земјоделците, знаат кој каде живее, кој колку може да обработува. Така да не може некој ако има еден трактор, а да земе 20-30-50 хектари, тој не е во состојба да ја обработува таа површина“, истакна Арсиќ.

 

И Петар Диклиќ од соседната општина Старо Нагоричане, од селото Војник, смета дека земјиштето се доделува по партиски и роднински клуч, наместо да завршува кај вистинските земјоделци кои се занимаваат само со тоа.

 

„И тоа како има злоупотреба, не узурпација туку при доделувањето на државното земјоделско земјиште. Голем дел од земјиштето е доделено на оние кои не се докажани во производството, кои не се способни и не се опремени за производство. Само да наведам еден пример во кумановскиот регион. Фирма која се занимава со проектирање и градежништво. Ниту се докажани во производството, ниту се опремени, ниту се способни за производство. Додека некои земјоделци кои се опремени, докажани и се евидентирани како земјоделци не можеа да го добијата земјииштето. А земјиште добија по некое непишано правило, роднини, партиски определени“, истакна Петар Диклиќ, земјоделец од село Војник.

 

Петар Диклиќ, земјоделец од село Војник

 

Како и Арсиќ од кумановско Ново Село и Диклиќ смета дека се потребни итни промени во начинот на кој функционира Комисијата за доделување земјиште и нејзиниот состав.

 

„Локалната самоуправа воопшто не доаѓа до израз при доделувањето на земјиштето. Јас тоа често го кажувам, се собрале некои луѓе во Скопје, во некоја канцеларија и врз основа на некои показатели на хартија доделиле земјиште по партиски, роднински и по незнам каков друг пат, а во таа Комисија не учествувал никој од локалната самоуправа“, додаде Диклиќ.

 

Одговор за овие обвинувања и проблемите кои ги мачат земјоделците се обидовме да побараме во Министерството за земјоделство.

 

 

Според Министерот Димковски денес постапката за доделување на земјиштето била целосно транспарентна, злоупотребите според него биле во минатото.

 

„Кога зборуваме за можноста за некакви злоупотреби, тоа е пред се од претходните и поголемите комбинати и фирми кои што ги земаа и можно е да не се обработуваат или реиздаваат, затоа што во последните 2 години оние површини што се издаваа, и тие ги следиме. Пред се би го рекол „Џумајлија“, каде знаеме каква состојба беше со претходниот, со Субрата Рој, каде 4 години воопшто не се обработуваа некаде околу 4.000 хектари. Така да минатата година скоро сите парцели кои беа дел од тој систем веќе се издадени и тие се обработуваат. Процесот кој што го реков, ревизија на државното земјоделско земјиште, процесот е постојано отворен, односно секогаш каде што имаме вакви дојави излегуваме и тоа е еден дел од ревизијата“, вели министерот за земјоделство Трајан Димковски.

 

Регистрирани ли се вакви злоупотреби од овој тип, на пример доделување по партиски клуч земјиште, да не го обработува, а да зема субвенции?

 

„Она кога велите сега под партиски клуч, кое што во минатото многу провејуваше нешто такво дека да овој е припадник на една политичка партија, ајде да му помогнеме, да му дадеме државно земјоделско земјиште. Некои анализи кои што ние ги имаме, гледаме овде некои пропусти кои што се правени во минатото, пред се преку комисиите кои што биле формирани и таа е некоја злоупотреба во која што можно е да се влијаело до оние површини до 3 хектари. Она се што е над 3 хектари зборуваме дека тоа мора да оди на јавно наддавање и тука веќе не може да кажувате дали е припадник на една или друга политичка партија, бидејќи оној што ќе понуди највисока цена, тој ќе ја добие земјата“, рече Димковски.

 

Трајан Димковски, министер за земјоделство

 

Димковски вели дека по законот за пристап до јавни информации секој може да види кое земјиште кому е доделено и дека не треба да има страв кај земјоделците да ги пријавуваат сомнителните случаи, но и порачува земјоделците да не подлегнуваат на шпекулации.

 

Нема потреба од страв затоа што тој што го земал има договор, и тоа е јавно достапно. Значи секој дали земјоделец, дали било кој граѓанин, преку пристапот до јавни информации секој може да дојде до таква информација, да го увиди договорот ако некој го побара, тоа се јавни документи“, истакна Димковски.

 

Ги охрабрувате ли земјоделците да пријавуваат вакви случаи без да се плашат дека ќе имаат некакви репрекусии?

 

Апсолутно и секаде, ние и на терен кога излегуваме, тоа и го бараме. Бидејќи ние ги слушаме истите овие муабети кога се на терен, дека е дадено на еден или на друг, или некој узурпирал и слично. Јас лично имав такви дојави кај мене, но кога ќе провериме или е тоа издадено, веќе е под договор, затоа што многу и кај земјоделците се присутни и шпекулациите. Но апсолутно дека тие треба да излезат, јавно зборуваат без никакви последици“, кажа Димковски.

 

 

Во 2018 година биле објавени 9 огласи и еден јавек повик и биле потпишани 698 договори со вкупна површина 3.735 хектари. Сега во 2019 во тек биле 3 огласи за околу 4.000 хектари. Вкупно останувало уште да се доделат околу 200.000 хектари слободно државно земјоделско земјиште. И од кабинетот на министерот велат дека криминалите биле минато, а сега секоја постапка била максимално транспарентна. Го негираат и тврдењето на земјоделците дека од страна на вработените во подрачните единици не само во минатото туку и сега не се кажуваат сите КП бројки на парцелите.

 

„За да немаме вакви поплаки и за да имаме 100% преглед на она што е слободно, како што спомнав ние отворивме еден пристап до земјоделците, кој што самите тие можат да испратат писмо со намери, или нивно известување, нивно барање за добивање на определени катастарски парцели, со нивно ставање на јавен оглас или на јавен повик. Секоја објава на секој јавен оглас или јавен повик завршува на нашата веб страна, во два дневни весници, во службен весник“, вели Никица Бачовски, шеф на кабинет на министерот.

 

Никица Бачовски, шеф на кабинет на министерот

 

Спротивно на кажувањата на земјоделците од министерството тврдат дека транспарентен бил и составот и членовите на Комисијата за доделување на земјиштето, што пак за дел од земјоделците и денес таа Комисија е голема мистерија.

 

„Комисијата е строго регулирана. Комисијата се состои од 7 члена и е една од потранспарентните комисии кои што постојат, затоа што самото членство во комисијата е формирано во повеќе институции. Тука имаме 2 од 7 претставници од Министерството, еден претставник е од здружение кое што ги претставува земјоделците, еден претставник е од ЗЕЛС, еден претставник е од Министерство за финансии и по еден претставник имаат канцеларијата на премиерот и канцеларијата на вице-премиерот за економски прашања. Така да овој мешан состав не дава на ниту една група да има преголемо влијание. Сите овие членови апсолутно се транспарентни и земјоделците можат да ги знаат. Најпрво, пред самиот чин на отворање на понудите, кога се повикуваат земјоделците, тие можат да ги видат сите членови на комисијата“, додаде Бачовски.

 

Податокот кој членува во Комисијата за доделување на државно земјоделско земјиште не им бил даден ниту на „Рурална Коалиција“ дури и кога тоа го побарале по Законот за слободен пристап до информации.

 

„Во рамките на самиот Закон стои дека за секој еден оглас при доделување на замјоделско земјиште се формира и различна комисија, така да таа комисија не е ни постојано во истиот состав, не е ни истата, така да и да ги има членовите. Второ, во согласност со она што ние го истражувавме, дури преку барањето за слободен пристап до информации не ги добивме имињата на членовите на комисијата, а уште помалку пак записниците, или како, на кој начин и преку кој принцип одлучувале при доделувањето на земјоделското земјиште“, истакнува Лилјана Јоноски од „Рурална Коалиција“.

 

 

Одговор за обвинувањата на земјоделците дека многу малку има излезеност на инспекторатот на терен побаравме и во Државниот инспекторат за земјоделство. Директорот Зоран Шапуриќ вели дека само оваа година имале 1.600 контроли, но и тој признава дека и тие како инспектори имаат проблеми со судскиот систем и одредени узурпации на земјиштето.

 

„64 решенија се за отстранување на констатирани недостатоци, 44 платни налози, 14 за поведување на прекршочна постапка, 2 кривични пријави за противправно користење на државно земјоделско земјиште. Поведени се околу 40 постаки, во тек се, иако имаме контроли на барање на самиот корисник, 20-тина во последно време, кои бараат поради неисплатливоста да се раскине овој договор“, изјави директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Зоран Шапуриќ.

 

Најчесто во кој дел од Македонија се наоѓаат тие парцели?

 

„Узурпација секаде, но многу имаше во овој период додека сум јас овде 2 месеци во кавадаречко, најчесто со лозови насади. Имаме узурпации неколку, кои не се така едноставни да се решат, бидејќи имаме и слабости. Инспекторатот работи во едно опкружување кое какво е такво е, недоволно ефикасни судови, не е ова критика, туку е констатација“, вели Шапуриќ.

 

Зоран Шапуриќ, директор на Државниот инспекторат за земјоделство

 

Според Шапуриќ премногу мал бил и бројот на инспектори, само 70-тина на ниво на држава, а требало барем да бидат барем двојно од тоа.

 

„Сега ние очекуваме 20-тина да бидат примени, да ги завршиме тие процедури, а моментално се 70 и нешто инспектори“, вели Шапуриќ.

 

70-тина на ниво на држава?

 

Да.

 

Уште колку недостасуваат?

 

„Па уште најмалку толку. Новиот закон кој стапува на сила сега во декември, при крајот на годината, таму е можно да дојде и помошник инспектор“, додава Шапуриќ.

 

Она што може да се заклучи е дека за разлика до минатото има подобрување и одредена поголема транспарентност во доделувањето на државното земјоделско земјиште. Но гласот и маката на земјоделците повторно целосно не се слушнати од надлежните, а борбата со узурпаторите и лажните земјоделци се уште ја чека својата кулминација и конечен расплет. Комплетната пак ревизија на доделеното државно земјоделско земјиште мора да се одвива со далеку поголема волја и многу поголеми напори отколку што тоа се прави во моментов.

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Play Video

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи