ВИДЕО – „Везе Шари“ со нова инвестиција тешка 4,5 милиони евра кај прилепско Славеј

Компанијата „Везе Шари“ од Тетово денеска постави камен темелник на својата најнова инвестиција „Голден Ланд“ со „македонско-германски капитал која ќе биде лоцирана во близина на прилепското село Славеј. Инвестицијата ќе изнесува околу 4.5 милиони евра и се реализира со помош на ИПАРД програната. 2,5 милиони се прифатливи трошоци на инвестицијата, а од ИПАРД-от на инвеститорите ќе им бидат вратени 1,5 милиони евра. Станува збор за земјоделско-сточарски комплекс каде ќе има центар за откуп и складирање на зрнести култури, како и фарма за гоење на млади бикови со капацитет од 1.000 грла годишно.

 

 

„Оваа инвестиција не е насочена само на задоволување на потребите на нашата компанија, туку е предвидено да прерасне во регионален центар, со што ќе овозможиме загарантиран пласман на земјоделците од регионот. Во рок од 5 месеци од сега во функција ќе биде ставен центарот за откуп и складирање на зрнести култури и за следната жетва ќе можеме заеднички да ги користиме капацитетите. А до крајот на 2020 година ќе се заокружи целиот комплекс“, истакна Арбен Абдурахмани, сопственик на „Везе Шари“.

 

„Секогаш беше интересно и сега гледам колку сме успешни во тоа што го правиме. Тоа е возможно само со поддршката која што ја добиваме од нашите пријатели овде и така успехот е неизбежен“, рече Херман Семлер, сопственик на „Голден Ланд“.

 

Според министерот за земјоделство ваквите инвестиции во преработувачките капацитети биле важен државен приоритет, бидејќи истовремено обезбедувале и суровина и сигурен пласман за македонските земјоделски производи, како и решавање на проблемите со вишокот.

 

„Оваа инвестиција ќе даде голем придонес директно во развојот на гоењето на говеда, обезбедување на суровини за месната индустрија и за развој на сточарството воопшто. Воедно, ќе придонесе за локалниот економски развој на прилепскиот регион преку отворање на нови работни места“, изјави Трајан Димковски, министер за земјоделство.

 

Инаку Македонија за 2,5 години искористила 40% од вкупно расположливите средства од ИПАРД 2 програмата.

 

„Од денес тече и најавата за нов повик од ИПАРД програмата за мерка 1, инвестиција во материјални средства на земјоделските стопанства. Сите кои сакате да го унапредите, да го модернизирате, на ваков начин да го развивате своето земјоделско стопанство, повелете, припремајте ги документите, бидејќи за месец дена ќе оди и јавниот повик“, рече директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никола Бабовски.

 

На настанот присуствуваше и амбасадорот на Германија во Македонија кој истакна дека Германија е најважниот трговски партнер на Македонија, билатерланата размена на крајот на годината ќе била околу 4 милијарди евра. Над 200 претпријатија со германски капитал вработувале над 20.000 работници во земјата.

 

„Овој пример им ги покажува и на потенцијалните инвеститори можностите за соработка и инвестиции на пазарот на Северна Македонија. И овие инвестиции ќе придонесат за создавање на солидна економска основа за понатамошни економски реформи, како и за создавање на поттици за населението да остане во земјата“, амбасадорот на Германија во Македонија Томас Герберих.

 

Според премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Бујар Османи освен економскиот бенефит ваквите инвестици ја зацврстувале соработката и пријателството со Германија.

 

„Значи мултидимензионален проект во кој што се отвораат нови работни места, во кој што се развива локалната економија, се придонесува на општото ГДП, се придонесува на квалитетот на храната, но најдобро и најважно создава мост меѓу европската унија и нас и европеизација на општеството“, истакна Бујар Османи, вицепремиер.

 

„Зошто исто така е важна оваа инвестиција? Важна е заради тоа што претставува симбиоза на големото пријателство помеѓу Северна Македонија и Германија. Ова партнерство кое што газдите го имаат навистина е родителско, е вистинско партнерство кое што дефинитивно потврдува колку сме ние големи пријатели со Сојузна Република Германија“, кажа Зоран Заев, Премиер.

 

Се очекува овој објект да започне со работа за околу 5 месеци.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи