Извршена е надградба на Единствениот национален регистар на прописи- ЕНЕР и преку него може да се вршат консултации со граѓаните, невладините организации, бизнис секторот… за сите типови документи што ги подготвуваат министерствата, како што се стратегии, акциски планови, а не само за предлог закони како досега.
Овозможено е и електронско поднесување иницијативи за закони или општи предлози до институциите, а има и дел за тематски дебати односно почнување он лајн дискусии важни како за министерствата така и за граѓаните во процесот на креирање на политики.
Министерот за информатичко општетсво и администрација Дамјан Манчевски денеска информираше дека со четвртата надградба на електронската алатка што функционира 10 години се овозможува двонасочна комуникација со сите засегнати страни.
Тој апелира до сите институции да го користат ЕНЕР, редовно да ги ажурираат новините во својата област на работење, да бидат подостапни за јавноста и граѓаните кои сакаат да се вклучат во процесите.
„На тој начин, ќе се зголеми степенот на транспарентноста на институциите на системот, а истовремено ќе поттикнеме дискусии, предлози и содржини, кои квалитетно можат да влијаат во креирањето на политиките“, посочи Манчевски.
Како што наведе, ќе се размисли преку ЕНЕР да се доставуават предлози и за подзаконски акти, што како можност ја иницираат од Здружението на млади правници.
Надградениот систем на ЕНЕР е поврзан и со социјални медиуми, што ќе овозможи споделување на содржина од објавени прописи, документи и иницијативи од ЕНЕР на социјалните мрежи. Преку него ќе се објавуваат содржини од други веб-страници со цел доближување на анализи подготвени од невладини организации и вклучување на засегнати страни до корисниците на ЕНЕР, како и анализи со прикази на состојба, објави и активности на корисниците во однос на содржините достапни на оваа алатка.