„Дедо Мраз, ниту ти не можеш на точак кај нас“ е мотото за Новогодишната Критична Маса во Прилеп. Дедо Мраз оваа година не доаѓа во Прилеп, затоа што да вози велосипед низ прилепските улици не доаѓа во предвид.
Ни испрати писмо во кое што вели дека тој лично заедно со сите златни рипки на светов се обиделе да исполнат барем една желба на велосипедистите во Прилеп, но залудно, велат од ПрилепНаТочак.
„Дедо Мраз се прашува како е можно во еден од најголемите седум градови во државата да не постои ниту еден сообраќаен знак за велосипедска патека во 2020 година?
Не може да се помири со фактот дека на велосипедска инфраструктура воопшто не се работи дури и во 2020 година.
Дедо Мраз се обидува да сфати како во Европа се градат автопати наменети за велосипеди, а во Прилеп научна фантастика е да се изградат слеани тротоари дури и во 2020 година?
Дедо Мраз не верува дека се оставаат автомобили, комбиња, камиони, трактори авиони на тротоар, додека пешаците и малите деца се движат ризикувајќи живот на улица, дури и во 2020 година.
За Дедо Мраз несфатливо е дека не се потрошени 5 денари за боја за да се обележат постоечките 5 метри велосипедски патеки во Прилеп дури и во 2020 година.
Дедо Мраз не може да се помири со фактот дека се поставени метални ступчиња на дел од тротоарите, со цел подобро да се заштитат паркираните автомобили на самите тротоари, а не е поставен барем еден велосипедски паркинг во Прилеп дури ни во 2020 година.
Жалосно е што дури ни во 2020 година, Дедо Мраз не може достоинствено да извози ниту 1 километар со точак во Прилеп, како секој еден обичен човек во секоја обична нормална градска средина…“, велат од ПрилепНаТочак.
Како и секогаш, Критична Маса се вози секоја последна среда од месецот во 17:30 часот. Тргнувањето е од плоштадот „Александрија“.