ВИДЕО – Со кровови пред распаѓање, полски тоалети, училишта без канализација и без вода за пиење – вака учат дел од децата во Долненско

Без канализација, со тоалети надвор од училиштето и покрив кој во секој момент може да се урне врз учениците поради скапаните греди стари 60-тина години. Во вакви услови учат десетина ученици во училиштето во селото Заполжани, Општина Долнени. Кога врне дожд ходникот наликувал на базент, поради тоа што внатре течело вода.

 

 

„Годинава среќа што нема снег, а ако има снег, толку се скапани гредите, покривот е катастрофа така што во секој момент може да се урне“, рече Цена Петкоска, жител на с. Заполжани.

 

„Училиштето се распаѓа, децата се во критична ситуација и во секој момент може да се случи голема несреќа. Кога врне во училиштето се прави базент, децата одат со чизми“, кажа Игор Костадиноски, жител на с. Заполжани.

 

Тоалетите се надвор од училиштето, немаат ниту септичка јама, фекалииите истекуваат наоколу и се шири неподнослива миризба.

 

„Тоалетите се никакви, нема канализација, во зима децата излегуваат надвор, на дожд, на снег, зараза може да добијата некоја, да ти е страв да влезиш внатре“, додаде Оливер Соколески, жител на с. Заполжани.

 

„Имаме поднесено барање до градоначалникот,но еве не е дојден да види што се случува во училиштево“, истакна Иле Петкоски, жител на с. Заполжани.

 

Слична е состојбата и во селото Сарандиново каде исто така нема канализација. За да ситуацијата биде уште покатастрофална, цел канал со фекалии течи околу самото училиште. Водата во училиштето не смее да се пие, а тоалетите се наоѓаат на околу 30-тина метри оддалеченост од училишната зграда се во ужасна состојба.

 

„Фекалиите течат еве вака низ село и кај мене кај куќата поминуваат, цело училиште е заокружено со фекалии, нема никаде одвод“, вели Мито Савкоски, жител на с. Сарандиново.

 

„Општинските власти со години ни ветуваат дека ќе се среди ситуацијата, но нема ништо од тоа“, вели Драган Аврамоски, жител на с. Сарандиново.

 

Во селото Бело Поле пак за да стигнеш до тоалетот од училиштето треба да поминеш над 60-тина метри. И таму нема ниту септичка јама, ниту канализација.

 

„Тоалетите се полски, канализација нема, а нема ниту септичка јама“, рече Лена Наумоска, наставничка во училиштето во с. Бело Поле.

 

Од локалната самоуправа велат дека ова се децениски проблеми, Општина Долнени ја затекнале со долг од околу 2 милиони евра. Неможело да се реализираат веднаш сите барања на жителите поради малиот буџет. Канализација имале само 5 села од 36. Најавуваат на пролет промена на кровот во училиштето во Заполжани, годинава имале и неколку помали инвестиции во другите училишта, но и сами признаваат дека ако нема поголема државна финансиска помош нема да може драстично да се промени животот во руралните средини.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи