Дваесет и шест годишниот Филип Стојаноски го фати Светиот крст кој денеска по повод празниокот Богојавление-Водици беше фрлен во Аква паркот во Прилеп. Стојаноски рече дека по крстот се фрла 8 пати, а по втор пат го фаќа. Првиот пат било пред 4 години.
„На сите православни христијани сакам да им го честитам празникот Богојавление-Водици, да им посакам многу здравје и среќа. Бог се јави, Навистина се јави. Јас сум вработен во АРМ. Пред 4 години бев исито така најбрз. Фаќањето ми донесе здравје, среќа и вработување, а сега посакувам женидба и се најубаво во фамилијата“, со насмевка рече Филип Стојаноски.
Празникот Богојавление – Водици во Прилеп секоја година зема се поголема масовност околу неговото чествување. Годинава за да се фрлаат по Светиот крст во градот под Марковите кули се пријавија 110 кандидати од кои 6 беа девојки. Најмалиот учесник Вања Ѓорѓиоски имаше 10 години, најстариот пријавен беше Роберт Стојаноски роден 1969 година.
Стојаноски од црквата како поклон доби икона со крштевањето на Господ Исус Христос, Општина Прилеп му подари Крст, а додека една приватна компанија спонзор на манифестацијата телевизор.
„На Филип Стојаноски сакам да му го честитам фаќањето на светиот крст, му посакувам се најубаво, а на сите граѓани на Општина Прилеп сакам да им посакам добро здравје, љубов, среќа, бериќет, мир ии спокој во секое семејство и меѓусебно разбирање. Да се здрави и живи сите и за многу години да е“, истакна Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.
Инаку чествувањето на празникот Богојавление – Водици во Прилеп започна уште рано утринава во 04.00 часот кога во сите храмови во Прилеп се одржа Света Божествена литургија која заврши околу 6.30 часот. Според традицијата веднаш по завршувањето на литургијата во дворовите на сите цркви се одржа и Богојавленскиот водосвет.
Како и секоја година најмасовно беше во црквата Свето Благовештение или позната кај народот како Стара Црква каде стотици граѓани во дворот на црквата носеа гулаби и во моментот кога се пееше тропарот за празникот тие ги пуштаат гулабите да летаат. Тоа е една интересна традиција која со векови опстојува во Прилеп.
Гулабите се симболика на Светиот дух кој што според Светото Писмо во вид на гулаб слетал на реката Јордан во моментот кога Исус Христос бил крстен од страна на Свети Јован Крстител.
[poll id=”-2″]