ВИДЕО – Уникатен пристап во учењето, другарски однос и креирање на ученици како комплетни личности, а не пишување петки по секоја цена

Со песни, играње и забава, вака изгледа само дел од атмосферата како изгледа еден училишен час кај наставникот Гоце Бумбароски во ООУ „Кочо Рацин“ во Прилеп. На часовите се игра, се пее, се забавува, секој може да стане кога сака, да го праша наставникот што сака, но и серизно се пристапува кон наставниот материјал.

 

Токму поради овој нестандарден начин на однос со учениците и предавaње, ова е можеби еден од ретките класови во Македонија каде учениците повеќе сакаат да се на училиште отколку дома. Наставникот за нив е еден поголем другар од кого секојдневно учат.

 

 

„Сметајте дека целта е да се чувствуваат пријатно. Јас сум им другарче, како што често пати имам изговорено во минатото, затоа што за да се стекне доверба и да си се почитуваме и сакаме меѓу себе, за децата најважно е другарството, затоа што тие меѓу себе се другари. Авторитет кај деца од 6 години да знаете дека не функционира, функционира другарство. Иако имаме другарство, имаме одредени правила за да станеме другари. Во овој случај другарството ние го користиме позитивно, за да си стекнеме едно заедничко почитување. Во принцип во одделение каде што е тишина нешто не е како што треба, или пак обратно, во одделение каде што има преголема галама и тоа не е во ред. Баш често пати го спомнуваме тоа дека треба во одделението да зуи како во кошница со пчели, и баш како што гледате овде тоа правило функционира и целта е да на крајот на часот да си ја постигнеме нашата цел“, вели наставникот Бумбароски.

 

Ова е трета генерација на ученици на Бумбароски. Вели дека за секоја генерација морал да применува нови засебни креативни методи на учење, затоа што секој ученик и секој клас бил посебен сам за себе. Но, иако водел три генерациии, секогаш почнувал од второ одделение, ова е за прв пат да има првачиња.

 

Кое е вашето основно правило по кое се водите при учењето на учениците?

 

„Учениците се во центарот на вниманието, сето друго е заради нив. Сите ние, целата институција овде е за учениците. Едноставно сакам да им пренесам една порака на сите возрасни, дека треба почниме да создаваме образование кое што ќе се темели на знаењето и кое ќе биде за децата, односно за учениците, а не за потребите на возрасните“, велу Бумбароски.

 

Се учи преку игра, гледање, цртани и практични примери. Бумбароски е поборник да се смени пристапот кон домашните работи. Односно учениците да учат пред се на училиште, а дома да поминуваат поголемо време со семејството.

 

„Не дека сум 100% против домашните работи, напротив, сум пробал доста пати затоа што и законскиот дел од образованието ни дозволува да имаме домашна работа, односно е пропишано да имаме домашна работа, но сум пробал неколку пати да не им задавам домашна работа на учениците и тие се посреќни, позадоволни, поинтересно е, тоа што сакаме да го постигнеме како цел го постигнувам за време на часот, но од друга страна пак има еден куп активности кои би ги правеле дома учениците, а тоа сепак е кон дружење со семејството. До 5-то одделение гледаме да направиме една промена, барем јас, мојата идеја е таква да направиме една промена да ги зближиме учениците до семејствата. Цело ова кое не опкружува, се некако не притиска нас, јас сепак сум и родител, тргнувам од тоа дека сум родител, па потоа како наставник, да направиме измена, промена во нашето функционирање како семејство, а од таму веќе почнува се понатаму“, рече Бумбароски.

 

Бумбароски вели дека ќе продолжи со нестандарниот начин и едуцирање на децата. Среќен е што и дел од неговите колеги, гледајќи го неговиот пример тргнале по неговите стапки. Наставникот Бумбароски има едно интересно мото.

 

„Не оди слеп по патот, скршни на страна и остави трага, тоа е мојата девиза, тоа е мојата идеја во иднина и тоа го правам сепак за доброто на учениците, за наставниците и нормално за целото општество“

 

Скршнува ли некој по вашата трага?

 

„Па искрено да бидам, откако прв пат излезе 2018 година, март месец таа приказна за мене, интересна приказна, следам неколку колеги кои не 100% да тргнале по мојот пат, но барем за момент направиле нешто што сум направил јас и сум горд на тоа. Ги поздравувам и им благодарам што за момент пробале да бидат дел од она што го правам јас“, истакна Бумбароски.

 

Токму затоа ќе продолжел да се бори за реформи во нашиот образовен процес, но има и една многу важна порака за сите родители.

 

„Не можам сите родители да ги ставам во ист кош, но голем дел од родителите си ги “расипуваат“ децата поради своите амбиции. Малку да се спуштиме на земја, да видиме што е потребно и да не ги тераме нашите деца да бидат само одлични, а да немаат почитување, да немаат однесување и да не се социјализирани. Баш напротив, личноста не е со сите петки, комплетна личност е кога навистина детето има добри манири, добро однесување и карактеристиките на личноста да бидат онака како што треба, а не само да биде одличен ученик. За жал, тоа во последно време е пренагласено и ние како родители мораме да прекинеме да ги притискаме наставниците сите да бидат одлични. Баш напротив, треба да дадеме од себе инпут за нашите деца, учениците, оние мали дечиња околу нас што не опкружуваат да бидат добри личности, а не одлични ученици“, потенцираше Бумбароски.

 

Затоа Бумбароски вели дека засекогаш ќе остане најголемиот другар на своите ученици за кого најважно ќе биде тие да станат комплетни личности, отколку неедуцирани одлични ученици со вештачки петки.

 

 

 

 

 

 

[poll id=”-2″]

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи