По вчерашните објави во медиумите за лошата состојба во која се наоѓа државната компанија Еурокомпозит, денеска преку соопштение се обрати генералниот директор Милан Тоцев.
Реакцијата на Тоцев ја пренесуваме во целост.
„После вчерашните информации во медиумите кои се однесуваат на „11.Октомври – Еурокомпозит“ Прилеп, како новоизбран генерален директор на фирмата, ја испраќам оваа реакција со цел да ја известам јавноста за претходната и моменталната состојба на фирмата.
Проблемите и тешката финансиска состојба на фирмата не се од вчера, туку се резултат на претходното долгогодишно недомаќинско раководење и работење со некогашниот стопански гигант.
Во периодот од 2008 година па наваму, „Еурокомпозит“ има добивано разни аванси, позајмици, кредити и има склучено разни договори, се’ со цел да се овозможи развој на процесот на производство и да се создадат услови за редовни плати на вработените, со платени придонеси и подмирување на сите други обврски.
Сакам да потенцирам еден податок: во 2015 година, за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, фирмата има склучено договор во вредност од 2.3 милиони евра и добиен аванс од 52 милиони денари. Наместо овие средства да се искористат за намалување на долговите и позајмиците и за исплата на плати, од сето тоа ништо не е направено. Напротив, долговите на „Еурокомпозит“ постојано се зголемувале и ја достигнале висината од 5 милиони евра.
Целосната ревизија на финансиското работење на „11.Октомври – Еукомпозит“ од 2008 година до денес, ќе покаже каде завршиле овие пари и за каква намена биле искористени, после што надлежните институции треба да преземат соодветни мерки.
На вчерашната средба на претставници на опозициската ВМРО-ДПМНЕ предводени од претседателот на партијата Христијан Мицкоски, со членови на синдикалната организација на „Еурокомпозит“, двете страни „заборавиле“ да го спомнат функционирањето на фирмата за време на 11 годишното владеење на сегашната опозиција и да кажат во кој период е направен долгот од 5 милиони евра.
Наместо сега да нудат решенија за излез од сегашната состојба, се прашувам, зошто тоа не го направија тогаш кога целата власт беше во нивни раце и кога нивни кадри повеќе од една деценија раководеа со фирмата?
На вчерашната средба не е спомнат големиот чекор кој го направи актуелната Влада на СДСМ и коалицијата, која го предложи Законот за признавање на заостанатите придонеси за пензиско и инвалидско осигурување од јуни 2012 до крајот на септември 2019 година, кој беше изгласан во Собранието и чија парична вредност изнесуваше 2.8 милиони евра.
Исто така, на средбата не било спомнато дека 156 вработени во „11.Октомври – Еурокомпозит“, во 2018 година беа прогласени за технолошки вишок и дека земаат надомест до нивното пензионирање. Точно е дека фирмата и преостанатите шеесетина вработени се соочуваат со проблеми во работењето, со исплатата на плата и плаќањето придонеси. Меѓутоа, заедно со Одборот на директори постојано сме во контакт и во преговори со надлежните институции, работиме на изнаоѓање решение на проблемот и верувам дека во најскоро време ќе дојдеме до него.
На крај, потребно е да се каже дека фирмата има застарена опрема и слаб кадровски потенцијал, што повлекува слаба рентабилност и конкурентност на домашниот и странскиот пазар. И без разлика колку и да имаме работа, со постојниот технички и човечки капацитет „Еурокомпозит“ нема да може сам да опстои. Единственото решение за фирмата е да се најде домашен или странски инвеститор, или пак целосно да биде преземена од страна на државата, за потребите на Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи“ се велии во реакцијата на директорот Тоцев.
[poll id=”-2″]