Спелеолошкиот клуб „Златоврв“ од Прилеп ја организираше својата втора показна спасувачка вежба кај месноста Шаторов Камен. Додека првата се организираше на познатата 13-катница во урбана средина, оваа вежба беше на тешко пристапен планиски терен. Членовите на клубот се обидуваа да спасат едно дете паднато во провалија длабока 20-тина метри. Вежбата заврши успешно, а „Златоврв“ уште еднаш докажа дека Општината треба да помогне во најрз можен рок овој клуб да прерасне во првата спасувачка служба во Прилеп.
„Од 2020 започнавме со уште подобри и поактивни тренинзи, потешки тренинзи, попрофесионални, каде што ќе можеме да се презентираме и да му докажиме на сите дека Прилеп има спремен тим, кој што е подготвен во било какви услови да дејствува. Кај нас во Прилеп моментално немаме таква служба и сметаме дека е од големо значење, како за општината, граѓаните, така и за целата наша околија, да има ваков тим кој ќе биде подготвен да дејствува во било какво време и било какви услови“, рече Дарко Неданоски, СК „Златоврв“ од Прилеп.
Засега за вакви акции биле обучени 12 мина, членови на клубот.
„Имаме еден до два тренинзи во неделата, на различни локации. Овде сега имаме тренинзи и во урбани средини, исто така и во планински услови“, истакна Елеонора Кржеска, СК „Златоврв“ од Прилеп.
„Многу голема е потребата да се има една ваква спасувачка служба, затоа што секогаш може да се случи некоја несреќа и мора да има одреден тим кој ќе биде спремен да реагира на тоа и да се спаси нечиј живот“, рече Антонио Мирчески, СК „Златоврв“ од Прилеп.
Овие млади постојано се надоградуваат со цел во иднина да бидат што е можно побрзи и попрофесионалнии во акциите.
„Секога година посетуваме некакви тренинг кампови, семинари, обуки и експедиции во странство, и нивното искуство и знаење го пренесуваат тука кај нас и сите вежбаме за да бидеме уште подобри“, додаде Неданоски.
Во тек биле и преговори со Дирекцијата за заштита и спасување за да материјално го помогнат клубот. А клубот на ова поле има и голема соработка со Црвениот Крст при Општина Прилеп.