Познат е составот на македонската сениорска репрезентација за Европското првенство (ЕП) во Баку, Азербејџан (25-29 март). Селекцијата брои 12 каратисти во борби (пет во женска и седум во машка конкуренција).
Селекторот на сениорската репрезентација во борби, Сашко Арсовски, се определи за: Емил Павлов (-60 кг), Фаик Фесели (-67 кг), Петар Заборски (-75 кг), Берат Јакупи (-84 кг), Жарко Арсовски (+84 кг).
Доан Османи и Петар Спасеновски се пријавени во екипниот состав (5+2). Од овој состав, во оваа конкуренција досега со медали од ЕП се закитиле Павлов (по двапати со злато и бронза) и Јакупи (со едно сребро).
Во борби жени, на ЕП ќе учествуваат Сара Радичевска (-50 кг), Симона Заборска (-55 кг), Вероника Костовска (-61 кг), Ангела Мојсовска (-68 кг), Моника Стефановска (+68 кг). Жените екипно ќе настапат во состав 4+1.
„Ова се најдобрите и најподготвени каратисти во моментов што можат да го дадат максимумот на ЕП. Македонија речиси постојано се враќала со медали од европските шампионати, па убеден сум дека така ќе биде и во Баку, со што само ќе го продолжиме коинтинуитетот успешни настапи на големите натпреварувања. Ова е хомоген состав, така што не би можел да прецизирам кој има најголеми шанси за медал, но секако дека очекувам успех и на ова ЕП. Подготовките заеднички ќе се одвиваат секој викенд во Штип, а завршните, пред заминувањето за Баку, ќе бидат на татамите во Пехчево или во Штип“, вели Арсовски.
Во кати, селекторот Стојан Андриевски се одлучи за Пуликсенија Јованоска и дебитантот на сениорско ЕП Александар Неделковски. Во екипна конкуренција се враќаат каратистките на Ронин, Маријана Димоска, Мишела Димоска и Кириана Камческа кои настапуваат во Австралија.