Српскиот претседател Александар Вучиќ вечерва прогласи вонредна состојба на целата територија на земјата.
„Србија денеска е во војна против невидлив противник. Врз основа на Уставот на Република Србија, согласно одредбите од Уставот, членот 5, ве известувам дека донесовме одлука за прогласување вонредна состојба на територијата на цела Србија. Одлуката не ја донесовме лесно, бидејќи се носи во исклучителни околности“, истакна Вучиќ.
Тој најави и дека од утре припадниците на Војската на Србија ќе ги чуваат болниците, а полицијата ќе ја спроведува наредбата за изолација на заразените.
„Кој ќе ја прекрши наредбата ќе биде казнет до три години затвор“, нагласи Вучиќ пред новинарите во Палатата Србија.
Исто така, тој најави и затворање на училиштата, најверојатно до крајот на училишната година. Во Србија денеска се регистрирани уште два нови случаја на заразени со коронавирус, со што вкупниот број достигна 48, соопшти српското Министерство за здравство.