Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес конференција изјави дека меѓу 26-те нови случаи со Ковид 19 во земјава, еден е во Прилеп. Со тоа вкупната бројка на заразени од Прилеп се искачи на 9 пациенти.
Новите регистрирани случаи на заразени по градови стојат вака:
Дебар – 1
Скопје – 19
Куманово – 3
Прилеп – 1
Тетово – 1
Крива Паланка – 1
Во изминатите денови, како што информира Филипче, на Клиниката за инфективни болести се примени осум нови пациенти. Сега таму има 47 хоспитализирани пациенти, од кои тројца се поставени на механичка вентилација, на возраст од 50, 63 и 67 години. Девет пациенти се на кислородна поддршка.
Во сите други градови стабилна е состојбата на пациентите, со лесна клиничка слика, според известувањата од тамошните здравствени центри. Сите матични лекари се задолжени по два пати дневно да ги контактираат своите пациенти кои се на домашно лекување и да ги известуваат здравствените власти.
Министерот за здравство кажа дека дневно се прават од 200 до 300 тестови и дека 20 илјади тестови како донација веќе се на пат кон нашата земја, како и 5 илјади тестови донација од наша приватна лабораторија која ќе се вклучи во системот на тестирање.