Се отвора Градскиот пазар во Прилеп, ќе работи од понеделник до петок според заострени критериуми

Прилепскиот Општински штаб за управување со кризи е во постојана меѓусебна комуникација и на дневна основа носи одлуки и мерки за справување со вирусот Ковид 19, информираат од Општина Прилеп.

 

„Една од донесените мерки за зачувување на здравјето на граѓаните на општина Прилеп, беше затворањето на Градскиот пазар. Меѓутоа, и покрај мерката за забрана за групирање на граѓаните и препораките за одржување на меѓусебно растојание од минимум два метра, пред маркетите и пиљарите во градот се создаваа огромни редици и гужви, што доведе до зголемување на опасноста од ширење на коронавирусот. Од тие причини, Општинскиот кризен штаб донесе одлука за отворање на Градскиот пазар, којшто од утре ќе функционира според заострени критериуми, секој работен ден, од понеделник до петок, од 08.00 до 15.00 часот. Согласно одлуката на Владата за ограничено движење на повозрасната категорија на граѓани, апелираме до пензионерите и граѓаните над 65 годишна возраст да пазарат во периодот од 08.00 до 11.00 часот, а сите останати од 11.00 до 15.00 часот. Во оваа прилика, упатувам апел, особено до нашите помлади сограѓани, да се придржуваат на овие препораки, со цел повозрасните граѓани да бидат што помалку изложени на ризик од инфекција со коронавурисот. Со цел заштита од коронавирусот, на сите продавачи и закупци на тезги ќе им бидат поделени заштитни маски, ракавици и штитници за лице, на влезовите од пазарот ќе бидат поставени средства за дезинфекција, а ќе бидат ангажирани и зголемен број на редари, кои ќе помагаат во одржувањето на редот во пазарот“, изјави на денешната прес конференција градоначалникот Илија Јованоски.

 

Јованоски потенцираше дека како градоначалник, ќе му предложи на Советот на општина Прилеп на првата наредна седница да донесе сет на економски мерки, меѓу кои и одлука со која закупците на тезги и дуќани во Градскиот пазар ќе бидат ослободени од плаќање на кирија, почнувајќи од денеска, па се’ до завршувањето на вонредната состојба во нашата држава.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи