Нашата земја сѐ уште го нема достигнато најлошото, пикот се очекува за две до три недели кога ќе имаме од 2.000 до 2.500 заболени, рече во денешното обраќање техничкиот премиер Оливер Спасовски.
„Ова е нова радикална фаза и за стабилноста на здравствениот систем, заштитата на здравствените работници, за економијата…секој од нас мора да даде максимален придонес. На крајот ќе го сопреме непријателот, но битката ќе трае.“, рече Спасовски.
Апелираше граѓаните да се придржуваат и да ги почитуваат мерките, со цел што е можно повеќе да се намали ширењето на коронавирусот. Како што истакна Спасовски, во моментот на секој од нас животот му е променет, но само со заеднички напори ќе се избориме за побезболно пребродување на пандемијата со Ковид-19.