ВИДЕО – Проданоски: Како е направена селекцијата за хуманитарните пакети на СДСМ и од кои пари се платени истите?

 

Во овие  денови кои се тешки за сите граѓани и за стопанството, секоја помош и од секого е добредојдена и е од корист. Токму затоа, ВМРО-ДПМНЕ предложи цел сет  мерки за штедење и поддршка на стопанските субјекти и граѓаните кои, за жал, владејачкото мнозинство на СДСМ во Советот на општината ги одби, рече на денешната прес конференција Дејан Проданоски, потпретседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

 

Прес конференцијата ја пренесуваме во целост.

 

 

„Во текот на вчерашниот ден бевме сведоци на тоа како партискиот огранок на владејачката партија во Прилеп, предводен од Миле Талески, разносуваат пакети со продукти до семејства кои биле социјално загрозени.

 

Се работи за бројка од 1000 пакети, па денеска со право ќе поставиме неколку прашања:

 

– Колку чини донацијата на пакетите?

 

– Од кои пари се платени тие пакети и, доколку се платени од партијата, од каде толку пари во буџетот на еден партиски огранок?

 

– Како и на кој начин е направена селекција кои граѓани да добијат донација,  а кои не и дали ќе покажете сметки пред јавноста за тоа дека е извршено плаќање на продуктите?

 

Овие прашања заслужуваат одговори со цел граѓаните да не бидат манипулирани и врз нивната мака да не се печалат политички поени во ек на пандемија.

 

Доколку немате одговори, го повикуваме Основното јавно обвинителство да испита дали станува збор за донација и, ако е така, на каков начин  е обезбедена и дали е правно регулирана, а доколку продуктите се набавени со средства од партијата, да испита на каков начин биле обезбедени тие средства,  од каде потекнуваат и од каде толку големи финансиски средства на располагање во еден партиски огранок ако се има  предвид дека партијата додели трипати повеќе пакети од Општината?

 

Социјално загрозените семејства заслужуваат постојана поддршка и грижа, а вие со ништо досега во вашето 3-годишно владеење не ја подобривте нивната состојба, односно не отворивте ниту едно работно место.

 

Кога веќе делите пакети, посетете ги и вработените во Еурокомпозит кои со месеци вашата Влада ги остави без никакви примања.

 

Уште еднаш ќе потенцираме:  ВМРО-ДПМНЕ смета дека секоја помош е добредојдена, поттикуваме и повикуваме сите граѓани и компании кои се во можност, да им помагаат на оние на кои им е најпотребно, но секако тука на прво место се институциите и државата кои мораат да пружат целосна и реална помош.

 

Исто така, упатуваме предупредување до СДСМ дека,  ако ваквите акции се повторат и во време на избори, тоа ќе значи поткуп на гласачи и се санкционира со високи затворски казни“, рече Проданоски.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи