Еколошки автобуси за јавен превоз во Битола

Еколошки автобуси за јавен превоз во Битола е предлог кој што произлезе од заедничките состаноци и дадени препораки од граѓански организации од Битола кои работат во областа на животна средина, а се реализираа во рамките на проектот „Заедно за заштита на животна средина„ имплементиран од Мрежа на ЛАГови.

 

Иако транспортните средства не се примарни загадувачи, сепак тие се идентификувани како загадувачи кои даваат свој придонес во аерозагадувањето. Во Битола каде аерозагадувањето има доминатни причинители, цврстите честички исфрлени од издувните емиси на транспортот,особено од дизел возилата го зголемуваат негативниот ефект особено при зголемено загадување на воздухот.

 

И покрај миграцијата со која се соочуваме насекаде во земјава, податоците за регистриран број на возила во Битола од околу 30.000 возила, податок објавен на инфо порталот Сакам да кажам, не укажуваат на постоење на тенденција на намалување. Особено важно е да се напомене дека повеќето од возилата се дизел и се постари од 15 години.

 

Дизел возилата во кои спаѓат најголемиот број на возила во Битола, вклучително и јавниот превоз и товарните возила покажуваат високо ниво на емисија на азотни оксиди и цврсти честички коишто го следат тоа, тоа што го познаваме како ПМ честички. Ако на сето ова се додаде и фактот дека моторите и системите за издувна емисија во земјава не секогаш се сервисираат прописно, издувната емисија на гасови е далеку поголема споредено со новите возила – наведуваат експертите за животна средина.

 

Мрежата на ЛАГови, во рамките на проектот, спроведе истражување, а организираше и повеќе средби со здруженија кои работат во областа на животна средина во Битола. На средбите се разговараше за повеќе теми, меѓу кои и за екологија и аерозагадувањето. Еколошките автобуси произлегоа од тие средби како еден од најголемите приоритети на кои треба да се работи. Во оваа насока јавниот транспорт би се реализирал со автобуси на гас кои се чисти и еколошки. Општина Битола би требало да го следи примерот на својот сосед – Општина Прилеп која со набавката и вклучувањето на автобуси на метан во јавниот транспорт забележа голем позитивен напредок во воспоставување на еколошка транспортна мрежа.

 

На заедничките средби беше предложено и промовирање, но и создавањето на услови за зелен транспорт, преку обезбедување на велосипедски и пешачки патеки кои ќе им овозможат на луѓето преку физичка активност и рекреирање да дадат свој придонес кон намалување на загадувањето на животната средина.

 

Општина Битола како и секоја друга општина треба да започне со активности и да создаде услови и мотивација за секој граѓанин совесно да се активира за зачувување на животната средина.

 

Автор: Мрежа на ЛАГ-ови

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи