Левица: Мерките кои ги предлага Владата се типично насилство врз народот и не смее да бидат донесени

Facebook
Twitter
Email
Print

Иако ги имаме едни од најрестриктивните мерки за движење во регионот (а и воопшто) за справување со ширењето на КОВИД-19, Владата на последната седница донесе предлози кои ја надминуваат секоја логика и здраворазумско размислување, стои во денешната реакција на Левица, по повод новите мерки предложени во борбата против коронавирусот.

 

Реакцијата ја пренесуваме во целост.

 

„Имено, се планира секое групирање над 2 лица да биде казниво, а секое групирање над 5 лица станува и кривично дело. Понатаму, секое неносење на маска и ракавици и непочитување на пропишаното растојание од 2 метра исто така ќе се казнува; и сето ова претходно се бара да биде документирано со фотографирање, како во некој дистописки филм. Донесувањето на вакви уредби во ситуација кога  веќе имаме и пререстриктивни мерки, кога десетици илјадници работници се на улица и најголем дел од нив се без примања, не е ништо друго – туку најобично насилие!

Недозволива е ноншалантноста на Владата со кои се најавуваат вакви ригорозни санкции, без да ѝ се објасни на јавноста детално и врз база на кои податоци и анализи се усвојуваат предложените мерки. Казнување на обичните граѓани врз кои падна најголемиот товар од кризата, без да се има во обзир нарушената егзистенција на голем дел од населението, претставува дрско самоволие на властите и чист тоталитаризам. Од друга страна, додека се казнуваат граѓаните со драконски суми, за докторката Николовска и после еден месец од скандалот Обвинителството се’ уште прибира докази.

На овој начин предложените мерки имаат единствено за цел да се скрие монументалната неспособност која ја покажаа властите во справувањето со кризата, која веќе стана очигледна за секого. Најголемите гужви пред пазарите, маркетите и аптеките кои се случуваат се токму резултат на непромислените одлуки на Владата за заострување на полицискиот час, а не поради граѓаните кои воглавно ги почитуваат мерките кои се пропишани.

Од друга страна, сведоци сме како и самите членови на Владата се недисциплинирани и не ги почитуваат мерките за безбедност кои самите ги носат. Во ваква ситуација, донесувањето на овие непромислени мерки го покажуваат лицемерието на власта и уште еднаш покажуваат дека во Македонија законите важат само за обичниот народ, а не и за моќниците.

Очигледното демонстрирање на сила врз обичниот народ мора да престане. Мерките кои се планирани за утрешната седница не смеат да бидат донесени без Владата да се обврзе дека ќе ги обезбеди и гарантира сите потребни услови и материјали за да предвидените мерки можат да бидат испочитувани од секој поединец и семејство, без тие да претставуваат дополнителен товар за нив“, стои во реакцијата.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи