Граѓанските организации бараат Владата да ги врати скратените 525.000 евра наменети за нивна поддршка

Facebook
Twitter
Email
Print

 

 

Вкупно 73 граѓански организации, мрежи и платформи во заедничка реакција ја повикуваат Владата да ја преиспита и промени својата одлука за драстичното намалување на финансиската поддршка од 525.000 евра за граѓанските организации, објавена во „Службен весник“ на 9 април 2020 година.

 

Оваа одлука со која финансиската поддршка, зависно од институцијата, или целосно се укинува или сериозно се намалува, е донесена на нетранспарентен начин, без консултација со граѓанските организации, засегнатите страни и пошироката јавност, што говори за непринципиелниот однос на Владата кон граѓанското општество во ова кризно време.

 

„Со тоа што се намалуваат приближно 525.000 евра неопходна поддршка, државата де-факто го иззема граѓанското општество како релевантен партнер во справувањето со кризата предизвикана од Ковид-19. Имаме целосно разбирање за кризната состојба и за потребата од солидарност, но во услови кога работиме на санирање на штетите од новонастанатата ситуација со што и помагаме на Владата во справувањето со здравствената криза, вакви сериозни намалувања ќе бидат штетни по долгорочната работа на граѓанските организации. Заради тоа ја повикуваме Владата да ја промени својата одлука и преку дијалог и на транспарентен начин да врати дел од средствата за нивната првична намена – поддршка на граѓанските организации за остварувањето на нивните мисии и цели, но особено за поддршка на активноститеза справување со кризата предизвикана од епидемијата“, наведува граѓанскиот сектор.

 

Во неа се додава дека граѓанските организации уште од самиот почеток на епидемијата многу брзо и ефикасно се мобилизирале и обезбедиле помош за најпогодените граѓани.

 

„Препознавајќи ја итноста на ситуацијата, граѓанските организации уште од самиот почеток на епидемијата многу брзо и ефикасно се мобилизираа, ги ставија на располагање сите свои ресурси и преку низа активности обезбедија директна и хуманитарна помош за најпогодените граѓани. Оваа брза реакција за преземање активности кои се од огромно значење за граѓаните, но и за директно справувањето со кризата, за жал Владата на РСМ не ја препознава како партнерство во борбата со ковид-19. Дотолку повеќе, одлуката за намалување на финансиската поддршка на Владата на РСМ сериозно ја отежнува одржливоста и тековната работа на организациите, особено во однос на нивната помош и поддршка на заедниците во време на криза.

Граѓанските организации се клучен сегмент во едно демократско општество, тие имаат вештини, знаење, услуги и пристап до приоритетните целни групи, коишто најчесто се многу посоодветни
од оние на државните институции. Оваа вонредна состојба, сериозно го погоди и граѓанското општество заедно со сите останати сегменти. Намалувањето на финансиската поддршка го лишува секторот од значаен извор на средства неопходни за функционирање во и вон услови на криза, ја загрозува достапноста на поддршката што организациите ја пружаат на граѓаните и во крајна линија ќе доведе до ситуација во која луѓе од секторот ќе останат без основниот извор на приходи“, се наведува во реакцијата на граѓанското општество.

Оттаму ја повикуваат Владата да ја промени својата одлука и да ги врати средствата за нивната првична намена – поддршка на граѓанските организации и притоа да распише ургентни јавни повици за поддршка на активностите на граѓанските организации за справување со кризата предизвикана од епидемијата.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи