Левица ја оспори втората претседателска одлука за вонредна состојба пред Уставниот суд на РМ

Facebook
Twitter
Email
Print

 

 

Политичката партија Левица денес поднесе иницијатива за поништување на втората Одлука за утврдување постоење вонредна состојба, донесена од страна на Претседателот на Републиката – г. Стево Пендаровски, со барање за итно изрекување времена мерка за негово запирање од извршување, поради тоа што можат да настанат тешко отстранливи штетни последици по правната сигурност на граѓаните, стои во соопштението на Левица.

„Овој спорен акт е правно недозволив чин на пречекорување на уставните овластувања на Претседателот на РМ, затоа што тој се темели на иста фактичка и правна ситуација која веќе била причина за прогласувањето на првичната вонредна состојба. Согласно нашиот Устав, одлуката со која се утврдува постоењето на вонредната состојба има важност најмногу 30 дена! Тоа значи дека, Претседателот можел, во рамките на овие триесет дена, да донесе, на пример, три одлуки од по 10 дена или шест одлуки од по 5 дена и сл. – но, никако не може самоволно и волунтаристички да носи нова одлука после истекот на максимално предвидените триесет дена, за дуплирање на овој рок без никаков уставен основ за тоа.

Впрочем, сите досега превземени репресивни здравствени мерки за борба со епидемијата на коронавирусот (карантин, самоизолација, полициски час и сл.) воопшто не зависат од прогласувањето на вонредната состојба – која беше воведена само како механизам за одлагање на изборите. Буквално сите мерки, без исклучок, се преземени и сè уште се преземаат врз основа на Законот за управување со кризи (2005) и на Законот за заштита на населението од заразни болести (2004) – бидејќи ние немаме посебен Закон за вонредна состојба, кој евентуално би се применувал во вакви ургентни состојби.

Дека станува збор за малициозна злоупотреба на вонредната состојба говори и фактот дека над 2/3 од вкупно донесените 120 уредби со законска сила од страна на техничката Влада на РМ, под водство на привремениот премиер Оливер Спасовски – која, патем речено, има стеснет и законски ограничен мандат од 100 дена, само за организирање фер и демократски избори – се диспропорционални владини уредби кои немаат апсолутно никаква функционална поврзаност или логичка врска со борбата против коронавирусот! Овој збунувачки податок оправдано нè тера да си помислиме дали враќањето во нормална состојба е приоритет за оваа преодна Влада или, пак, постојат некои други нетранспарентни приоритети сокриени од очите на јавноста, преку неразумно оптегнување на траењето на вонредната состојба, спротивно на јавниот интерес“, стои во соопштението.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи