Македонија за една година се искачи три места погоре на Индексот на слобода медиумите за 2020, која ја изготвува невладината организација „Репортери без граници“ со седиште во Париз.
Од 95-то, лани земјава сега е рангирана на 92-то место со средна оценка од 31,28 поени, од вкупно 180 држави и територии колку што се опфатени со анализата.
Во извештајот за Македонија од „Репортери без граници“ ги истакнуваат како „револуционерни постигнувања“ Регистарот на професионални онлајн медиуми на Советот за етика на медиумите во Македонија како и потпишувањето на Повелбата за услови за работа на новинарите и фер нацрт-договорите за вработување новинари и медиумски работници во дигиталните медиуми кои ги презентираше Самостојниот синдикат на новинарите на Македонија.
Сепак и покрај напредокот, сеуште се наоѓаме во полошата половина на држави кога станува збор за слободата на медиумите. Најслободни медиуми во регионот има Словенија (32), а подобро пласирани од Македонија се и Босна и Херцеговина (58), Хрватска (59), Грција (65), Косово (70) и Албанија (84). Во соседството единствено полошо позиционирани од земјава се Србија (93-то место), Црна Гора (105) и Бугарија (111 место).
На светско ниво прва на листата е Норвешка, а по неа се Финска, Данска, Шведска и Холандија. Последни пак се Кина, Еритреја и Туркменистан.