Акцизата на нафтените деривати се зголемува за три денари, одлучи Владата на денешната седница, на предлог на Министерството за финансии, информираше владиниот портпарол Муамет Хоџа.
Според Хоџа, целта на зголемувањето на акцизата на нафтените деривати е да се ублажат економските последици од трошоците за справување со коронавирусот и средствата ќе одат директно во Буџетот, во фондот за борба против ковид-19.
„Уредбата е донесена за да се ублажат економските последици од зголемените трошоци за справување со корона вирусот и обезбедување средства за редовно сервисирање на буџетските потреби“, рече Хоџа.
Како што истакна со зголемување на акцизата за три денари, до септември ќе се покријат околу 18 милиони евра, а до декември до 31 милион евра.
„Ако цената на нафтените деривати се зголеми за 10 денари, акцизата ќе се намали за еден денар, а ако се зголеми за 20 денари, акцизата ќе се намали за три денари, односно ќе се врати на претходната цена“, рече Хоџа, додавајќи дека Македонија има најниска цена на акцизата во споредба со други земји, вклучувајќи ги и оние од ЕУ, како и најниска цена на нафтените дериват во регионот.