Јованоски: Од утре задолжително носење на маски, полицијата со мегафони ќе предупредува за почитување на мерките

 

 

Со цел запазување на мерките за заштита од коронавирусот, денеска одржавме онлајн седница на Општинскиот кризен штаб, при што ја разгледавме моменталната состојба со КОВИД-19 во општина Прилеп, изјави градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски.

„Дискутиравме за новите мерки кои ги донесе Владата на Република Северна Македонија, а кои се однесуваат на трите најпогодени општини од коронавирусот, помеѓу кои се наоѓа и општина Прилеп.

Прво и најважно, од утре среда 22 април, се воведува мерка за забрана за движење на населението на подрачјето на општина Прилеп без носење на соодветна заштитна опрема – маска, шал, марама и слично, надвор од своите домови, на сите јавни места и површини од отворен и затворен тип, како и затворени простории, маркети, продавници и сл.

Општина Прилеп им препорачува на сите граѓани од нашата општина, да го редуцираат излегувањето од своите домови. Тоа да го прават само од најнеопходни причини, односно заради одење на своите работни места, како и излегување од својот дом на само еден член на семејството, заради купување намирници и лекови од маркетите и аптеките.

Второ, врз база на новите мерки кои се однесуваат на општина Прилеп, заедно со ОВР – Прилеп подготвивме посебен оперативен план, кој стапува на сила од утре, за присуство и дејствување на полицијата на подрачјето на општина Прилеп преку користење на засилени патроли и засилено присуство на полицијата, користење на мегафонска опрема од полициските возила на јавните места и површини, со цел контрола над почитувањето на одлуките, мерките и препораките донесени од Владата на Република Северна Македонија.

Во оваа прилика сакам да ги пофалам граѓаните, заради почитувањето на мерките на Владата за одржување на физичко растојание од минимум два метра. Имено, денеска со почетокот на исплатата на субвенциите за тутунот, пред сите банки е видливо дека граѓаните се придржуваат на мерките,  ја одржуваат потребната дистанца, при што најголем дел носат и заштитни маски.

Во таа насока, денеска ја продолживме акцијата на делење бесплатни маски, која што ја започнавме пред Велигденските празници и која ќе продолжи во следните денови, односно се додека граѓаните имаат потреба од заштитни маски“, истакна Јованоски.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи