Прилепчанецот Мартин Јошески вработен во Агенција за храна и ветеринарство се наоѓа во изолација веќе 20 дена поради тоа што на 2 април имал контакт со своја колешка од Агенцијата во Скопје која е позитивна на корона вирус. Од тогаш започнал да чувствува одредени симптоми како блага температура, печење на очи и кашлица, но и покрај тоа матичната лекарка не сакала да му закаже за тестирање за Ковид 19. Се советувал со епидемиолог во Центар за јавно здравје во Прилеп од каде му бил земен брис на 13 април. Но и по скоро10 дена чекање немало резултат, за да вчера преку свои контакти и пријатели од Скопје разбере дека неговиот брис е изгубен заедно со други 140 брисеви од повеќе градови. А официјалниот одговор од надлежните бил дека немало доволно материјал во брисот затоа ќе мора да се повтори.
„Морав да искористам приватни контакти за да добијам информација од Центарот за јавно здравје во Скопје дали мојот брис е веќе испитан, затоа што во Центарот за јавно здравје во Прилеп немаа сеуште информација дали истиот е испитан. Добив информација од Центарот за јавно здравје од Скопје дека мојот брис е изгубен, исто како и останатите 140 други брисеви, кои што во текот на тие 2 дена се примени од цела Македонија. Нивната причина поради која нема резултат е дека брисот немал доволно материјал за испитување. Но тоа не е точно значи, потврдено ми е дека околу 140 брисеви од цела територија на Македонија, од тие два дена на 13-ти и 14ти се изгубени“, истакна Мартин Јошески.
Поради оваа ситуација Јошески вели дека тој и целата негова фамилија живеат под невиден страв и голем психилчкии стрес. Најмногу се плаши за своите стари родители од кои еднииот е инвалид, а другиот е хронично болен.
„Овие денови додека чекаме ние сме под постојан стрес дали резултатот е позитивен или негативен. Во моето семејство имам инвалидизирано лице, мојот татко е постар, над 60 години, исто така и хронично болна мајка, така да и тие се во постојан стрес дали е позитивен или негативен тестот, така да очекуваме дека тестот најверојатно ќе биде негативен и ќе биде се најдобро“, додаде Јошески.
Револтиран е и тоа што на сите негови колеги кои тој ден биле во контакт со позитивната колешка на ниту еден не му било земен брис, туку само биле испратени во самоизолација. Им порачува на сите граѓани максимално да ги почитуваат мерките за заштита ии се надева дека сега вториот тест ќе му биде негативен и дека овој пат вториот земен брис нема да се изгуби.