Планинарските друштва и рекреативците бараат укинување на мерката за забрана за движење по планините

Facebook
Twitter
Email
Print

Планинарски друштва и рекреативци, револтирани од забраната за движење во шума и шумско земјиште, донесена од Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство, поднесоа барање до Владата и Министерството за внатрешни работи повторно да се разгледа и да се укине оваа забрана.

Од работната група, составена од над 1.100 члена организации и физички лица, велат дека забраната за движење во шума и шумско земјиште од 6 до 20 часот поради „зголемената опасност од појава на пожари на отворен простор“, бесправно ги спречува граѓаните на рекреативно движење и е донесена без никаква најава, анализа, ниту пак период на траење.

„Според Универзалната декларација за правото на човекот ‘секој има право на слобода на движење и избор на престојувалиште во границите на одделна држава’, според Уставот на Македонија секој граѓанин има право слободно да се движи на територијата на Републиката и слободно да го избира местото на своето живеалиште, според препораките на СЗО движењето во шума е добродојдено за менталното и физичкото здравје на луѓето во услови на пандемијата со ковид-19…

Бараме отчет врз база на која анализа, индикатори и аргументација се донесе мерката, без консултативен процес со засегнати страни – граѓаните, на тотално недемократски и авторитарен начин.

Сметаме дека оваа мерка не е целисходна – се објавува во период кога голем дел од планинските и шумските предели се сѐ уште под снежна покривка или се со влажна почва од неодамнешните врнежи, а временските прилики не сугерираат поволни услови за ширење на пожари.

Планинарите и рекреативците не се закана за ширење на пожари – надлежните служби нека преземат други мерки ефикасно доколку доследно ги спроведуваат важечките закони и прописи кои се однесуваат на заштита на природата и на шумите.

Забраната за движење во шума и рекреативни места претставува кршење на човековото право на слободно движење и кршење на уставно право на граѓаните. Целосно е неразумно Владата и институциите да воведуваат дополнителни отежнувачки мерки кои крајно негативно ќе влијаат на психофизичката состојба на значителен дел од популацијата, укинувајќи ги сите опции за разумно и одговорно изложување на сончевите зраци и благотворното дејство на кислородот и чистиот воздух.

Препорака на Светската здравствена организација е да се носат мерки кои нема да бидат контраиндицирани со психофизичкото здравје на популацијата. Последнава мерка е токму таква – директна закана и ризик за влошување на психофизичкото здравје.

Mинистерот за земјоделство, шумарство и водостопанство кажа дека мерката се однесува на шумите кои ги стопанисува ЈП Национални шуми, а тоа се 90% од шумите во државата. Спомна дека забраната не се однесува на заштитени подрачја, парк-шуми, излетнички места и националните паркови. Точна инфромација со дистинкција кои планински подрачја спаѓаат под Национални шуми, а кои не, нема објавено никаде.

Бараме под итно Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да ја укине забраната за движење по планините, со што ќе овозможи слободно движење во природните предели на државата, во шумите и на планините, на одговорни индивидуи чија единствена цел е зачувување на здравјето и уживањето во природа“, се вели во барањето на дваесетина планинарски друштва и во петицијата потпишана од повеќе од 5.200 граѓани.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи