ВИДЕО – Разведените мајки во Прилеп поради короната не даваат децата да се гледаат со татковците – Ковид 19 предизвика повеќе психички проблеми кај граѓаните

Поголем дел од мајките од Прилеп кај кои се доделени децата после разводот ja користат ситуацијата со корона вирусот и полицискиот час и не сакаат да им дозволат на нивните поранешни сопрузи да се видат со своите деца. Од Центарот за социјална работа од Прилеп апелираат родителите пред се да го стават интересот на децата, а не нивните лични расправии. Признаваат дека во целата оваа ситуација неможат итно да реагираат како во нормални услови.

 

 

„Најмногу мајките прават проблем и најчесто тие се оние кои сакаат да ја злоупотребат оваа пандемија за да не ги дадат малолетните деца на средби. Да бидат малку пофлексибилни на средбите, да се прилагодуваат на полицискиот час затоа што ние како институција немаме можност толку брзо да ги менуваме решенијата за средби како што се врши промената на полицискиот час, како што може да видиме динамична е промената“, истакна Дејан Тошески, директор на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа – Прилеп.

 

Социјалните работници велат дека ваквото однесување и секојдневни расправии на родителите ќе остават трага врз психичкиот развој на децата. Постојано биле достапни со совети за овие случаи, но засега со вербалните укажувања немало некој напредок.

 

„Ја злоупотребуваат малку оваа ситуација и покрај тоа што ние веднаш им одговараме, им даваме напатствија каде да се обраќаат, нашите телефонски линии се постојано достапни, меѓутоа сега засега немаме некој да се повратно ии да ни каже дека има поголем успех во средбите“, додаде Зоран Малкоски, социјален работник. 

 

Од друга страна пак изолираноста на граѓаните едни од други, поради корона кризата, според психолозите, кај граѓаните донесла зголемена анксиозност, панични напади, зголемен страв и други состојби со кои тие како стручни лица допрва ќе требало да се занимаваат откако ќе заврши кризата.

 

„Се јавува чувство на вина, нон стоп да се грижиш за нешто, анксиозност, паничните напади, опсесивно компулсивните состојби. Со пострауматските состојби допрва ние ќе имаме работа, затоа што оваа физичка изолација јас мислам дека понатаму би можела да донеси некои последици во однос на целокупното наше функционирање“, изјави Марија Ангелеска, психолог.

 

На исто мислење се и за семејното насилство кое во ваква ситуација неможе нормално да се регистрира, а можно е и тоа да било во подем.

 

„Постои можност да имаме на некој начин ескалирање на сето тоа кое што се потиснувало во текот на дисфунционалното функционирање и сега кога ние немаме некој механизам на абреагирање тогаш некаде тој наплив на негативна енергија излегува и најчесто тие што се околу нас најблиски се жртва“, потенцираше Ангелеска.

 

Сите овие примери се доказ дека последиците од Ковид 19 допрва ќе се утврдуваат во целото општествено живеење и делување.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи