Како и секаде во светот така и во Крушево корона вирусот комплетно го уништи туризмот. Затворени сите хотели, ресторани, не се издаваат соби, затворени се сите 7 музеи, а сликата на Гумење од тезгите каде се продаваа сувенири и беше преполно од посетители наликува како да е од некој хорор филм. Крушевчани велат дека туризмот е единствен приход за градот, ако државата не помогнела се плашат дека ќе биде претешко.
„Уште сега има влијание, градов е мртов. Не треба полициски час, после 4 часот секогаш овде е полициски час, жив човек нема, да паднеш и да ти се слоши, нема кој да те види“, истакна еден крушевчанец.
„Крушево после 3 часот нема жив човек, се е иселено, се е избегано“, вели друг крушевчанец.
Угостителите пак велат дека овој град кој нема друга индустрија единствено живее само од туризмот, а во последните неколку години особено од странските параглајдеристи. Се надеваат на итна државна помош и на доаѓање на овие спортисти.
„Затоа што последниве неколку години Крушево факт е дека функционира и опстојува од параглајдингот. Во летните месеци и оваа и претходната сезона беше доста продолжена, но ако се откажи од тие натпреварувања и ако ги нема летачите од цела Европа и буквално од цел свет, ќе имаме голем проблем“, изјави Жан Здравески – Шапе, угостител.
Штета трпат и музеите.
„Трпиме повеќекратни штети и последици, сопствените приходи ни се скратени. Крушево е посебно место, со посебна клима поради кој бараат објектите и посебно одржување“, рече Зоран Богески, директор на Музејот во Крушево.
Странските летачи ги откажале скоро сите натпревари за годинава. Само ова лето во Крушево се очекувало над 2.500 параглајдеристи од целиот свет. Од општината сега ќе се насочеле кон привлекување на домашни туристи.
„Подготвуваме на пакет промоции заедно со Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Давачите на услуги, односно издавачките капацитети во градот мора да се прилагодат, затоа што велам не е исто домашни и странски туристи и во зависност од новонастанатата состојба мора истите да се прилагодат со спуштање на цените“, потенцираше Томе Христоски, градоначалник на Крушево.
Едно е сигурно, дека без јасна државна стратегија и финансиска помош овој сектор во Крушево годинава може да доживее вистински крах.