Со одлука на членовите на општинскиот Совет, средства за непродуктивни буџетски трошоци во висина од 23 милиони денари, беа пренаменети за јавните претпријатија и за реконструкција на објекти, а беше донесен и деталниот урбанистички план за четврт 3, блок 3.13, со што се создадоа услови за почеток
на изградба на новиот театар.
„На денешната 43 седница на Советот се укинаа сите оние непродуктивни трошоци, како средства за репрезентации, патувања, за културните манисфестации кои се откажани заради кризата со коронавирусот и тие пари беа пренасочени кон јавните претпријатија, со цел да се помогне нивното функционирање во новонастанатите услови. Советниците ја прифатија донацијата на противпожарно возило од страна на „Витаминка“, кое се дава на трајно користење на Територијалната противпожарна единица. Денеска, со носењето на деталниот урбанистички план план четврт 3, блок 3.13, се создадоа услови за изградба на новиот театар во Прилеп. Со денешната Одлука на општинскиот Совет, завршува целокупната потребна процедура, почнувајќи од јавната анкета, јавниот увид, Министерството за култура и Министерството за транспорт и врски. Со тоа се создадоа сите услови граѓаните на општина Прилеп да имаат нов театар“, изјави претседателот на општинскиот Совет, Миле Талевски.
Новиот театар ќе се наоѓа во строгиот центар на градот, како дел од Центарот за култура „Марко Цепенков“.