Заев: Ако не се договориме, избори ќе има на 21 јуни

 

 

Ако не се постигне договор за датум за избори, тогаш тие ќе се одржат на 21 јуни бидејќи тогаш е предвидено со Уставот и законите, истакна на денешната прес конференција лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

 

„Ако не најдеме решение, законот предвидел како се решаваат сите детали. Како продолжуваат замрзнатите рокови, како се пополнува списокот со оние што наполниле 18 години до денот на гласање. Уште еднаш напоменувам, се гласа со лична карта и патна исправа. Секој над 15-16 години може да извади лична карта, и да не извади, има патна исправа. Ако по автоматизам Избирачкиот список ги има сите внатре, Избирачкиот список е завршен, јавниот увид е завршен. Во писмото господинот Дерковски го потврдува тоа дека сите постапки се завршени и се прифатливи за завршени и продолжуваат од каде што се застанати. Зошто? Затоа што законот дава решение како да продолжат таму каде се застанати. Не сакам никој тоа да го сфаќа како некој ултиматум. Не, треба да се договориме. Ако не се договориме, да знаат сите дека на 21 ќе има избори со 14 кандидатски листи, ќе се излезе на гласање и верувам дека максимален ќе биде бројот на излезени гласачи“, рече Заев.

 

Според Заев, доколку некој сака да ги одложи изборите, тоа треба да го направи според пропишаното во Уставот.

 

„Кога во 2008, 21012 и 2014 година ВМРО-ДПМНЕ го распушти Собранието и распиша избори, кој не праша нас тогаш како најголема опозициска партија дали сакаме избори? Сега ние овие избори заеднички ги договоривме, поднесовме пратенички листи, Државната изборна комисија ги прифати, па дури завршивме и со ждребувањето. Не може да има бојкот на изборите, прашањето е дали некој ќе ја бојкотира кампања или не. Не сакаме никој тоа да го прави“, кажа Заев.

 

Лидерот на СДСМ ќе бара одговорност од претседателот на ДИК, Оливер Дерковски доколку има било какви опструкции околу одржувањето на изборите.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.