Се решава проблемот со водоснабдување во с. Канатларци

 

Најголемиот проблем на жителите на Канатларци, чие главно занимање се земјоделието, односно тутунопроизводството и сточарството, е водоснабдувањето. Постојните количини на вода за пиење не ги задоволуваат потребите на месното население, заради што Општина Прилеп изработи проект за нова бушотина.

 

„Јавната набавка е завршена, избран е економскиот оператор и после завршувањето на празникот Рамазан Бајрам, кој во оваа прилика им го честитам на жителите на Канатларци, во договор со изведувачот, веднаш започнуваме со копање на бунарот. За многу кратко време жителите ќе добијат вода за пиење, со што проблемот на Канатларци со водоснабдување ќе се реши еднаш засекогаш. Во оваа прилика сакам да истакнам дека продолжуваме и со градежните активности за иградба на патната инфраструктура во Прилеп и населените места, така што на почетокот на следната недела започнува асфалтирањето на улици во ова населено место, во должина од еден километар. Веднаш потоа следува асфалтирање на улиците во Ерековци и Тополчани, со што да крајот на овој месец ќе бидат завршени сите планирани активности за реконструкција и рехабилитација на улиците во општината“, изјави градоначалникот Јованоски.

 

Првиот човек на ЈКП „Водовод и канализација“, Емил Јанески нагласи дека во овој момент, населеното место Канатларци кое брои повеќе од 2.000 жители, се водоснабдува од бунар со капацитет од околу 2.5 литри во секунда и четирикиловатна пумпа на длабочина од околу 50 метра, што ни приближно не е
на потребното ниво.

 

„Со проектот кој го изработи Општина Прилеп, се очекува новиот бунар да има издашност од најмалку 5-7 литри во секунда, што е за 3 до четири пати повеќе од вкупните количини на вода со кои во овој момент се водоснабдува селото. Со тоа, деценискиот проблем со водоснабдување на Канатларци очекуваме да биде решен. Веднаш после завршување на работата со бунарот, ќе биде направена проверка на квалитетот на водата од страна на Центарот за јавно здравје и спроведена линија до постојните водоводни линии, со кои се носи вода до домовите на граѓаните во ова населено место“, истакна Јанески.

 

„Благодарност до градоначалникот, до локалната самоуправа што имаа слух да го решат овој долгорочен проблем кој што го имавме со водата, исто така и за асфалтирањето на улицата, која немаше ни асфалт ниту пак имаше турено тампон. Но најважно ни беше проблемот со водата да ни се реши“, потенцираше Метин Мемишоски, претседател на месната заедница Канатларци.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи