Се асфалтира патот од населеното место Волково, до манастирот „Свети Никола“, кој се наоѓа во близина на населеното место Прилепец. Станува збор за пат во должина од над 5 километри, кој се наоѓаше во исклучителна лоша состојба, тешко пристапен како за жителите на двете населени места, така и за посетителите на манастирот.
Градоначалникот на Прилеп Илија Јованоски истакна дека, во рамките на програмата на Општина Прилеп за изградба, реконструкција и рехабилитација на постојната патна инфраструктура, биле изработени проекти за реконструкција на патиштата од н.м. Волково до н.м Прилепец, како и од н.м. Прилепец до манастирот „Свети Никола“.
Вкупната вредност на двата проекта изнесува 31.2 милиони денари. Средствата за изградба на патот беа обезбедени од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР), во рамки на Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2018 година, додека ДДВ-то е целосно финансирано од Општина Прилеп.
До денеска, асфалтирани се околу 2.4 километри од патот, а според најавите на изведувачот, комплетните градежни работи ќе бидат завршени најдоцна до крајот на овој месец.