Сакам да ја известам јавноста дека во текот на вчерашниот ден, ги потпишав налозите за исплата на средствата за субвенционирање на инвертор клими и велосипеди, изјави на денешната прес конференција градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски.
„Тоа значи дека, на сите граѓани кои ги исполнија условите пропишани со Јавниот повик, средствата им се префрлени на нивните трансакциски сметки.
Согласно јавниот повик, за субвенционирање на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на Општина Прилеп за купување клима уред-инвертори, поднесени беа 335 барања, од кои одобрени се 307. Додека, за субвенционирање на набавка на велосипеди, пристигнаа 315 барања, од кои одобрени беа 305.
Причина за неприфаќање на 28 апликации за клими и 10 за велосипеди, е неисполнување на критериумите и условите од јавниот повик и Правилникот за субвенционирање на дел од трошоците за набавка на клима уреди и велосипеди.
Со издвоените 4.500.000 денари од буџетот на општината, директно придонесовме за заштеда на средства од семејниот буџет на 612 семејства од нашата општина.
Покрај финансиските придобивки за граѓаните, со издвоените буџетски средства придонесуваме за поткревање на јавната еколошка свест и совест, како и за заштита на животната средина во нашата општина“, изјави Јованоски.