ВИДЕО – Настеска : Жал ми е што мораше да се случи Ковид 19, за да разбереме која жртва ја даваат медицинските сестри во професијата

ИЗВОР: СИТЕЛ

Медицинската сестра Елизабета Настеска од Прилеп, која живее и работи во овој град, но по потекло е од Охрид, е првата медицинска сестра од Македонија чиј што едукативен текст, посветен на Флоренс Најтингејл, посветен на жената која што е основоположник на оваа професија медицинска сестра, за прв пат беше објавен на интернет страницата на Меѓународниот совет на медицински сестри. Со Настеска ќе поразговараме околу оваа тема, но и околу една тема кој е доста актуелна овие денови, а тоа е кои се главните предизвици со кои медицинските сестри, кои заедно со лекарите се на првите борбени линии, како се справуваат со пандемијата на Ковид-19 во Македонија.

 

 

Настеска, пред се честитки за оваа твоја награда и добредодовте во утринската програма на Сител телевизија.

 

Добро ве најдов и благодарам за одзивот, конкретно на Сител телевизија, благодарност до моето здружение За нас, здружението за медицински сестри и техничари, акушерки и стоматолошките сестри.

 

Дали овој ваш текст е прв посветен на Флоренс Најтингел и кој беше мотивот за неговата реализација?

 

Значи ова ми е прв пат да се осмелам да конкурирам, да објавам нешто вакво на едно светско ниво, на Меѓународниот совет на медицинските сестри. Главен мотив и цел ми беше едноставно ситуацијата во која се наоѓаме ние како здравствени работници во пандемијата која што не затекна, бидејќи за да се влијае врз текот на секојдневието и општествените текови треба да се биде навистина силен, но за да се биде силен најчесто се мисли на тоа да се биде медицинска сестра, бидејќи времето за нас покажа дека со една силна желба и храбар дух можат да се постигнат вредностите заради кои што сметаме дека имаме една реална човечка потреба, а најчесто носители на токму тие прогресивни прашања и идеи што го движат човештвото сме токму ние медицинските работници. Главен херој во мојот текст, во моето писмо секако се моите колеги и колешки, кои што сме затекнати со секакви предизвици на своите работни места. Тука ќе кажам дека сум водена од личното искуство на една моја драга колешка и блиска пријателка, Христина Гулеска. Таа медицинска сестра, нејзината пожртвуваност, директно беше затекната со настанот, со нејзиниот сопруг позитивен на коронавирус, таа мораше да биде во самоизолација, оставени буквално трите малолетни деца на своја рака, нејзината грижа, пожртувавност од една страна со семејството, а од друга со работното место, ми беше главен мотив и стимул да го напишам ова писмо.

 

Која е главната порака која што сакавте да ја пренесете со овој ваш текст посветен на Флоренс Најтингел?

 

Да се посвети животот на медицината е исто како да се има суштината во свои раце, а тоа е здравјето. Главна порака од ова писмо нека биде тоа дека нашата професија е еден терк, еден начин на живот и многу ми е жал што мораше да се случи една ваква војна со невидлив непријател, една пандемија, за да сфатиме сите, за да му покажеме на светот кои сме ние медицинските сестри, што е она што ние го правиме, да се едуцира медицинскиот кадар кој сметам дека е доста дефицитарен. Исто така би истакнала дека ние како медицински лица секојдневно се жртвуваме и по завршувањето на оваа криза ние несомнено ќе продолжиме со исто темпо да се однесуваме кон своите пациенти.

 

Кои се главните предизвици со кои што вие како медицински сестри се соочувате овие денови, практично овие месеци во однос со справувањето со пандемијата на Ковид-19?

 

Ние медицинските сестри сме првиот контакт, првата помош, првата утеха, првиот лек, првата подадена рака за пациентите, за жал и последна за некои. Ние не се пријавивме во оваа битка, туку зедовме оружје и се бориме секој ден. Можам да ја пренесам од својот колегиум на медицински сестри несебичната пожртвуваност секојдневно што ја искажуваме на своите работни места, што ја искажуваме на своите пациенти. Се изборивме до каде што сме во оваа ситуација, а и понатаму се бориме, нашата борба тука нема да заврши.

 

Вие сте член на Здружението на медицински сестри и техничари, акушерки и стоматолошки сестри насловено како „За нас“. Минатата недела беше интернационална недела на сестринството, како таа се одбележа во Македонија со оглед на ситуацијата која што ја имаме со пандемијата на коронавирусот и како вашите колешки реагираа на овој ваш успех, на овој објавен текст?

 

Светската здравствена организација оваа 2020 ни ја поклони како година на медицинските сестри, бидејќи на 12 мај се одбележува 200-та годишнина од раѓањето на основоположникот на професионалното сестринство, Флоренс Најтингел. По тој повод оваа недела, почнувајќи од 5 мај па се до 12 мај, односно 5 мај или Денот на акушерките, па се до 12 мај или Денот на медицинските сестри, требаше на еден достоинствен начин да го одбележиме 200-от роденден на Флоренс Најтингел. Инаку пред се ми е драго што сум член и активист на Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“, каде што основоположник и претседател е сестра Горданка Бешлиоска. Во тој контекст морам да им се заблагодарам на сите колешки, меѓу кои со огромни овации беше прифатено ова писмо, овој напис на Меѓународниот совет на медицински сестри. Јас пред се сум благодарна и горда што сум член токму на ова здружение, каде што се увиде дека можеме да ја подигнеме нашата професија на едно повисоко ниво на достоинство во нашата земја. И покрај рестриктивните мерки кои не затекнаа овој период, сепак моравме да докажеме дека ова е наша година, наша интернационална недела на медицинските сестри и ние сепак достоинствено ја одбележавме во нашето здружение. Имавме свечена онлајн академија, имавме пораки од естрадни уметници, музичари, професори, декани, посебно ми е драга видео пораката која ни ја испрати претседателот на нашата земја и тоа ни е еден плус мотив и стимул за да одиме понатаму и да се бориме достоинствено во оваа професија.

 

Дали објавувањето на овој текст на Меѓународниот совет на медицински сестри ќе претставува дополнителен поттик и дополнителна храброст во извршувањето на вашата професија?

 

Кога сето ова еден ден ќе заврши, дури тогаш ќе можеме да се завртиме назад и да ги видиме сите физички и емотивни лузни, бидејќи поминавме и се уште поминуваме долги непреспиени ноќи и денови во грижа на пациентите и тука ќе го кажам слоганот со кој се претстави нашето здружение, а тоа е дека „ние медицинските сестри не сме ангели, но сме сигурно втората најубава работа после англелите“. Секако ова нека биде еден мотив за пациентите, за моите колешки, за сите оние за сложно да се избориме и сите среќни да се прегреме, бидејќи сега може да си испратиме само виртуелни прегратки, честитки и поздрави.

 

Еве едно прашање што можеби требаше да ви го поставам претходно во интервјуто, но се одлучив да го поставам на крај, затоа што мислам дека е и суштината на целиот овој разговор и суштината на професијата, која се гледа дека со голема пожртвуваност и огромна желба и љубов ја извршувате, а тоа е зошто пред се се одлучивте да бидете медицинска сестра и која е пораката на сите оние идни генерации кои сакаат во иднина да се занимаваат со оваа професија?

 

Ние медицинските сестри несомнено сме гласот што води, бидејќи секојдневно менуваме и спасуваме животи. Од тука произлезе и мојата желба да бидам медицинска сестра, но за да влезете во таа хумана машина најпрво треба да ја сакате таа професија, да се гледате како некој херој, треба да ве одликуваат многу карактерни особини како пожртвуваност, точност, професионалност во работењето, тимска работа и многу други за кои што не може да се научи од книгите. Ние сме горди на нашиот повик за помош, се надевам дека и идните колеги, кои се уште се наоѓаат на една раскрсница каде што не можат да се одлучат каде да го продолжат своето образование, би ги охрабрила да се одлучат токму за оваа професија, која е најхумано нешто што може на еден човек да му се случи.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи