Македонското здравство има капацитет и добро се справува со пандемијата на коронавирусот во нашата држава. Во ниту еден момент немаше преоптоварување на болничките капацитети со лежечки пациенти од коронавирус, а според последните информации мал е бројот на новопријавени заболени граѓани во болниците, изјави на денешната прес конференција Гордана Макалоска – портпарол на ОО СДСМ Прилеп.
Прес конференцијата ја пренесуваме во целост.
„Дека добро се справуваме со пандемијата, кажува и фактот дека во изминатите десетина денови, рапидно се намалува бројката на новозаболени од КОВИД-19 во општина Прилеп. На дневна основа се регистрираат по еден, или ниту еден заболен, а се поголем е бројот на оздравени наши сограѓани.
За ваквиот охрабрувачки развој на ситуацијата со заразната болест во општина Прилеп, покрај спроведувањето на централните мерки, значително допринесоа и секојдневните активности на Општинскиот кризен штаб, предводен од градоначалникот Илија Јованоски.
Од самиот почеток на пандемијата, Општинскиот кризен штаб дистрибуираше илјадници заштитни маски до граѓаните, голем број на заштитни визири за лекарите и медицинскиот персонал, вршеше редовна дезинфекција на зградите, на јавните површини и улиците во градот и населените места.
Скринингот на вработените во детските градинки „Наша иднина“ од Прилеп, кој беше направен во изминатите денови, покажа дека сите 192 вработени се негативни на коронавирус. Тоа, е уште една потврда дека дисциплината на граѓаните и навремените заштитни мерки, неминовно водат кон успех во битката со вирусот.
Почитувани, она што за жал го гледаме во одредени општини ширум државата, каде деновиве има зголемен број на нозозаболени од коронавирус, во најголем дел е резултат на неодговорноста на техничкиот министер Наќе Чулев.
Масовните прекршувања на забраните за собири и бројните прекршувања на полицискиот час, беа игнорирани од Чулев, со што тој свесно го загрози јавното здравје.
За да ја спречиме неодговорноста на Чулев и неговиот шеф Христијан Мицкоски, и уште подобро да се справиме со здравствените и економски последици од пандемијата, потребни се избори.
Ново Собрание и Влада со целосен легитимет, кои ќе им служат на граѓаните и ќе се подготват за новиот бран од пандемијата наесен“, изјави Макалоска.