Комисијата за заразни болести ќе предложи враќање на полицискиот час од четврток во 21:00 часот до понеделник во 05:00 часот.
Движењето ќе биде забрането на целата територија на градот Скопје, со сите општини, како и во градовите Тетово, Куманово со Липково и Штип. Со ваква одлука, наведените градови практично ќе бидат потполно затворени во наведениот период.
За другите градови, се предлага воведување на полициски час од 16:00 до 5:00 часот следниот ден.
Предлогот мора да биде усвоен на следниот состанок на Владата.
Инаку, според обработените податоци од 974 тестирања, последниве 24 часа во земјава има 101 новозаболени од Ковид-19. Владата попладнево треба да одлучи за предлозите на Комисијата.
Комисијата се реши на ваков потег поради заканите од ширење на коронавирусот за претстојниот продолжен викенд за Задушница и Духовден и затоа што мерките за заштита не се почитуваат. Дополнително, во одредени делови од земјата, како Лабуништа и околните села, Липково и Тетово многумина од суспектните случаи одбиваат да се тестираат и да ги кажат контактите и не може да се утврди точната бројка на заразени.
Предлогот за враќање на полицискиот час во Скопје, Тетово и Штип е и поради тоа што младите се собираат по паркови, на Водно и слично, а сендвичарите, пицериите и пекарите, сите работат и по 22 часот, практично цела ноќ.
Екипите на Институтот за јавно здравје ќе работат со целосен капацитет за време на продолжениот викенд, ќе има масовни тестирања во кризните подрачја за да може во понеделник да се добие нова слика со ширењето на епидемијата во земјата.