Со средства обезбедени од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој се асфалтираше патот од селот Волково до манастирот Свети Никола кај селото Прилепец во должина од 5,5 км. Биле изработени проекти за реконструкција на патиштата од н.м. Волково до н.м Прилепец, како и од н.м. Прилепец до манастирот „Свети Никола“. Вкупната вредност на двата проекта изнесува 31.2 милиони денари.
„Агенцијата за среќа на сите нас и на општина Прилеп ги одобри сите три проекти, 321, 322 и 323. Двата проекти 321 и 322 претставуваат изградба на инфраструктура на патниот правец од село Волково до село Прилепец во должина од 2.5 километри и уште толку третата мерка, 323, тоа е од населеното место Прилепец до манастирот Св. Никола. Ова е должина од околу 5.5 километри. Вкупно за овие 3 месеци од оваа година, Општина Прилеп во патна инфраструктура направи околу 25 километри, од кои што заедно од овие улици и патишта околу 10 километри направи реконструкција и рехабилитација на улиците во Прилеп и 15 километри направи реконструкција во населените места во општина Прилеп“, рече градоначалникот на Општина Прилеп, илиија Јованоски.
Според директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски, овие инвестиции значеле и рамомерен развој на сите региони во Македонија.
„Општина Прилеп од Агенцијата има добиено три проекти и преку планскиот пелагониски регион уште еден, четири и цела финансиска конструкција е преку 1 милион евра, од кои што поддршката на Агенцијата е во целост, односно 100% на инвестицијата. Единствено Општината треба да го плати данокот на додадена вредност“, кажа Бабовски.
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, нагласи дека во прилепскиот и целиот пелагониски регион се случувала вистинска градежна офанзива.
„Завршени се и дел регионални патишта како патот од Прилеп до вештачкото езеро, патот од Битола преку Тополчани до Прилеп, интензивно се работи на патот од Лагово до Витолиште, односно во мариовскиот дел, кој очекуваме во текот на овој месец да биде целосно асфалтиран. Сакам да потенцирам дека привршуваат работите на патот од Фариш до Дреново, продолжува проектот од Градско до Дреново, а очекуваме овие денови од страна на банката да биде одобрен оној дел кој се однесува на делот од експресниот пат од Фариш до Дреново, кој што ќе треба да биде тендериран најверојатно во текот на овој месец. Дополнително сакам да кажам во овој месец се спрема и еден сериозен пакет на јавни набавки кои треба да се извршат во јавното претпријатие Државни патишта, од тие 7 кои треба да бидат распишани, 6 се во овој регион. Да потенцирам дека во нив е и делот од Фариш до Прилеп, значи 19 километри реконструкција и рехабилитација на трите ленти, дополнително имаме обезбедено ИПА средства за тие четири километри каде треба да настани проширувањето на патот од Дреново до Прилеп“, потенцираше Сугарески.