Во рамки на третиот сет економски мерки, вкупно 324.479 граѓани ќе ја добијат домашната платежна картичка „Купувам домашно“ за поттикнување на приватната потрошувачка и ревитализирање на македонската економија во услови на коронакризата, изјави на денешната прес конференција Весна Аџулеска – Портпаролка на ОО СДСМ Прилеп.
Прес конференцијата ја пренесуваме во целост.
„Тоа се 28 милиони евра, директна финансиска поддршка за граѓаните, наменета исклучиво за купување на домашни производи и услуги.
Граѓаните што ги исполнуваат условите, ќе ги добијат платежните картички без да аплицираат и без никакви дополнителни трошоци. Самите ќе можат да проверат дали се во системот преку веб страната (kupuvamdomasno.gov.mk), каде е назначено и од која банка ќе можат да ги добијат парите.
Помошта ќе стигне секаде каде што е потребна.
По 9.000 денари им следуваат на невработени лица, активни баратели на работа и приматели на социјална помош, кои од јануари до април 2020 година оствариле нето приходи до 60.000 денари.
Сите вработени лица, кои за периодот јануари – април 2020 година, оствариле доход по основ на плата и надоместоци на плата во нето износ не поголем од 60.000 денари, добиваат домашна платежна картичка од 3.000 денари.
По 3.000 денари на домашна платежна картичка, добиваат младите лица од 16 до 29 години, кои се средношколци и студенти во државното формално образование.
Платежна картичка „Купувам домашно“ ќе добијат и 4.394 здравствени работници ангажирани во справување со кронавирусот, со средства во висина од 40 отсто од последната основна нето-плата.
Банките започнуваат со издавање на домашните платежни картички уште оваа недела, а најдоцна треба да бидат издадени до 18 јули.
Граѓаните ќе можат ја добијат картичката на домашна адреса или самите да ја подигнат од банката, а средствата треба да ги искористат најдоцна до 15 август годинава.
Средствата од домашната платежна картичка, не може да се подигнат во готовина, ниту да се плаќа надвор од земјата и да се префрлаат средства кон други сметки, туку треба да се потрошат само за купување на македонски производи и услуги.
Остануваме посветени на помош и поддршка на нашите граѓани, на помош и поддршка на нашата економија“, изјави Аџулеска.