Непрофесионалноста на Општина Прилеп – предизборно етикетирање на медиуми

Денес Општина Прилеп, односно градоначалникот Илија Јованоски, испрати реакција на вчерашната изјава на претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп, Петар Ристески, кој го обвини Јованоски дека незаконски потпишал решение за одобрување на измени на основен проект во тек на изградба на зградата наспроти Солидност.

 

Во реакцијата Јованоски бара извинување од Петар Ристески за неговата вчерашна изјава.

 

Во првиот пасус од денешната реакција на градоначалникот на Прилеп се вели:

 

На ден 23.06.2020 година, на повеќе медиуми и интернет портали меѓу кои markukule.mk и Infokompas.com.mk, како и преку социјалните мрежи, беше пренесена изјавата на претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп, Петар Ристески, во која ме обвинува дека, наводно, незаконски сум потпишал решение за одобрување на измени на основен проект во тек на изградба, на зградата наспроти поранешната фабрика „Солидност“, стои во реакцијата на Јованоски.

 

Имено Петар Ристески оваа изјава ја дал вчера при гостувањето во една емисија на Радио Пела. Изјавата потоа како партиско соопштение беше споделена до голем број медиуми, која истите ја објавија.

 

Во денешната реакција како што може да се види се потенцирани, и тоа нагласени и со хиперлинк, само медиумите Маркукуле и Инфо Компас. Дури не е потенциран ниту медиумот каде изворно е кажана изјавата.

 

Па се прашуваме зошто од сите медиуми кои ја објавиле оваа вест баш Инфо Компас беше потенциран во реакцијата на Јованоски?

 

Како редакција најенергично го осудуваме ваквото крајно непрофесионално однесување на Општина Прилеп.

 

Дали со ова нагласување Општина Прилеп праќа некаква порака за предизборно етикетирање на медиуми?

 

Инфо Компас во своето 3 годишно постоење се етаблираше како медиум со најголема доверба кај граѓаните на Прилеп. Тоа го докажува и огромната посетеност од страна на читателите.

 

Никогаш не сме биле, ниту ќе бидеме партиски обоен медиум, за разлика од многу други.

 

Довербата на граѓаните е нашиот приоритет, а не мислењето на функционерите.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи