Грција одбива да ја употреби кратенката “МКД” договорена со Преспанскиот договор, кој според Димитров е правно обврзувачки

 

 

Грција одбива да ја потпише Програмата за воена соработка со Македонија за 2020 под кратенката за земјава „МКД“. Според доверливите документи кои ги објавија грчките медиуми Генералштабот на грчката армија не сака да ја потпише Програмата со ознаката утврдена со Преспанскиот договор, туку инсистира евентуално тоа да биде направено под полните имиња на двете држави со цел да се избегнат кратенките за зeмјите.

 

На новинарско прашање на темата, македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров смета дека преку разговор ќе се решаваат сите проблеми меѓу двете земји и ќе се гради пријателство постигнато со Договорот од Преспа.

 

„Ние сме целосно посветени на сите наши правни обврски од Преспанскиот договор, за кратенките, односно кодот е или мк или мкд, во однос на регистарските таблички, ќе треба да се разговара. Се популаризираше вчера и завчера во некои грчки медиуми. Преспанскиот договор е деликатно постигнат баланс и сите елементи што се добри за другата страна, се важни за балансот да се задржи. Јас сум убеден дека низ разговор ќе има примена на сите одредби од договорот, кој е склучен и правно обврзувачки“, рече Димитров.

 

Инаку од Министерството за одбрана наведуваат дека станува збор за План за за соработка во одбраната за 2020, во кој Министерството побарало да се користи кратенката „МКД“.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.