Отворена првата ликовна изложба од почетокот на пандемијата во Прилеп

 

 

Со мерење температура, најмногу по 15 посетители на растојание синоќа беше отворена изложбата на дела, насловена „Визии од детството на уметникот Горан Боев.

 

Ова е прва изложба и културен настан во Прилеп по околу пет месеци од почетокот на пандемијата. Ова всушност ги отвори културните институции и ги најави културните настани во време на пандемија.

 

Уметникот среќен што може делата да се видат „во живо”. Кога е детството во прашање, инспирацијата е голема. Вели, секако дека пандемијата влијае многу, воопшто, на уметноста.

 

„Поголемиот број дела се од циклусот како што изложбата го носи насловот – визии од детството. Пораката колку е моја, толку и на повеќе уметници кои често ја користеле-враќањето во детството кое секогаш е инспирација. Сè е низ призмата на детските очи, зашто детето е искрено, а ние колку старееме сме повеќе оптоварени. Оваа пандемија секако влијае и на уметноста. Но треба и мора да се твори. Тоа е што е, се адаптираме на тоа што се случува“, рече Боев.

 

Публиката среќна дека може да проследи уметнички чин и творештво. Владимир Темков, уметник вели дека ова ни недостасуваше. Друго е да се види „во живо”

 

„Ова ни недостасуваше. Секако, со запазување на сите протоколи и заштита на здравјето, но ни треба да ја почувствуваме уметноста „во живо. Досега имаше бројни онлајн изложби, ама поинаку се чувствува уметноста кога се гледа во делото во живо“, вели Темков.

 

Според Рубин Белчески, директор на Центарот за култура „Марко Цепенков” ќе се редуцираат настаните планирани годинава. Ќе се преполоват изложбите од планираните 20-ина, ќе нема настап на фолклорни групи, ама ќе има концерти на сериозна музика.

 

„Од една страна загубивме време овие месеци. Во секој случај, културните настани ќе бидат редуцирани. На пример не може да има настап на фолклорни групи оти не ќе може да се одржува дистанца. Повеќето настани ќе бидат на отворено што е една од мерките за заштита“, вели Белчески.

 

Сè уште нема протоколи за фестивалите, иако првично се презакажани. На пример Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски” за крајот на август, а јубилејниот, 55 македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински” засега е презакажан за крајот на септември, но сè уште е неизвесно.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.